Достапни линкови

Неопределените нема да гласаат за осомничените од ВМРО-ДПМНЕ


Осомничени лица во постапките на СЈО може да бидат кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните избори, но неопределните гласачи нема да гласаат за нив, анализираат експертите. Тие очекуваат предизборни засилени напади против ова обвинителство.

Трите предлози на СЈО до судот за мерки за претпазливост за осомничените од случајот Трезор денеска судиите на претходна постапка ги вратиле во обвинителството бидејќи биле доставени во електронска форма на пренослива меморија ( УСБ ) кое судиите не можеле да да го отворат, бидејќи меморискиот стик бил кодиран, соопштија денеска од Основниот суд наведувајќи дека СЈО крие докази. На оваа забелешка, како што пишуваат од судот, од СЈО им одговориле дека доказите ќе може да се разгледуваат само и исклучиво во нивно присуство и дека само тие ќе имаат право да пристапат до нив. Ова е преседан во досегашното постапување пред овој суд, заклучуваат од судот.

Од таму наведуваат и дека обвинителството требало да одговори дали на ваков начин се обидувале да ги заштитат лицата против кои го поднеле предлогот, а вината за непостапувањето и одолговлекувањето на постапката се обидувале да ја префрлат на судот.

Ова барање на СЈО е всушност од последниот случај и прв за економски криминал кој го отворија. Досега во повеќето предистражни постапки и во двете обвиненија што ги поведе обвинителството беа споменати имињата на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Владимир Талески, сите од нив од потесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Истражувањата на СЈО сериозно влијаат врз рејтингот на владејачката партија, оценува професорот Никола Дујовски. Бидејќи нема правни пречки осомничени лица да бидат кандидати за избори може да се очекува ВМРО-ДПМНЕ да се одлучи да стави некои од нив на кандидатски листи за гласањето на 11 декември, додава тој.

„Токму тоа може да го направат, но ќе бидат голема грешка за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нивните поддржувачи се нивни поддржувачи, а овие избори ќе ги решат неопределените гласачи кои што нема да прифатат обвинети или осомничени во најмала рака да бидат носители на високи државни функции во иднина“, вели Дујовски.

Според него, во периодов што следи до изборите ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе ќе ги засили нападите кон обвинителството, отргнувањето на вниманието од истрагите, а ќе продолжат и опструкциите од другите институции.

Но тогаш и на Специјалното јавно обвинителство не му останува многу простор за работа, па целиот процес може да се сведе на прес-конференции и препукувања, но на крај без никаков правен епилог, сметаат експертите.

Ако вака се продолжи нема да имаме постапки со кои би се утврдило дали навистина се сторени кривични дела и соодветно одговорните да се казнат, вели професорот Осман Кадриу.

„Правно нема ништо да се случи. Фактички и досегашните постапки се сведуваат и завршуваат само на одредена морална одговорност, но тоа не е доволно“, вели Кадриу.

Листата на аболирани од претседателот Ѓорге Иванов во април, пак, вклучуваше многу повеќе имиња од врвот на владејачката партија меѓу кои и Мартин Протуѓер, Трајко Вељаноски, Коце Трајановски. На таа листа се појавија и претседателот на СДСМ Зоран Заев и неговиот претходниот на функцијата и поранешен шеф на државата Бранко Црвенковски, како и лидерот на ДПА Мендух Тачи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG