Достапни линкови

logo-print

Иванов до ЕУ – Помогнете ни да ви помогнеме со мигрантите


Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување меѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата, истакна претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на Состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, нагласи дека уште од почетокот, Македонија имала проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза, и потсети дека сме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на државната граница со цел заштита на границата и насочување на движењето на мигрантите.

„Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа“, рече македонскиот претседател и ги повтори забелешките дека и покрај тоа, Македонија е сè уште без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци.

„Сакам да упатам порака до Европската унија: На Македонија и е потребна помош за да ви помогне Вам. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено“, рече Иванов.

XS
SM
MD
LG