Достапни линкови

Од успешна приказна до проблематична држава


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Годинава, првпат откако Македонија во 2004 година стапи во прва фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, летово не се одржа Совет за стабилизација и асоцијација со Унијата во Брисел.

Од држава-успешна приказна, чие членство во ЕУ беше блокирано од Грција, Македонија се претвори во проблематична држава со сериозни политички и демократски предизвици, па според тоа воопшто не е изненадување годинава да добие нова условена препорака за отворање на преговорите за членство. Оваа оценка на стручната јавност следува по информациите во дел од медиумите дека Европската комисија во ноемврискиот извештај за напредокот на земјата, очекувана е условена препорака за преговори.

Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование вели дека веќе три години земјава се бори со длабоки демократски проблеми, а наместо да се намалува списокот на услови за членство, земјава секоја година добива нови критериуми кои треба да ги исполни.

„Ако пред три години во преден план беше фактот дека не можеме да ги почнеме преговорите заради спорот за името со Грција, сега веќе спорот за името е во втор план, а во прв план се политичките проблеми, од изнесувањето на проблемите со прислушувањето, до спроведување на изборите, функционирањето на институциите, одвојување на државата од партијата, медиумските прашања, судството итн“, вели Маричиќ.

Добивањето на препораката е условена со спроведување на Пржинскиот договор и исполнување на реформите кои треба да не доведат до кредибилни и признаени демократски избори, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

„Мислам дека договорот од Пржино ги содржи сите неопходни чекори кои треба да ги спроведе земјата, реформи кои мора да се имплементираат за демократизација на институциите. Затоа во моментот договорот од Пржино се наметнува како главен предуслов за добивање или губење на препораката за отворање преговори за членство, вели Незири.

Според Маричиќ, логично би било да ни биде одземена препораката затоа што две години по ред се случува условување на истата. Годинава таа е условена со реализација на условите содржани во Пржино и целиот тој пакет околу излегување од политичката криза. Сепак, мислам дека тоа нема да се случи зашто имаме договор меѓу политичките партии и на повидок се избори на 11 декември, изјави Маричиќ.

„Не очекувам дека сега откога е на повидок дека после две одлагања ќе има избори, дека токму сега Комисијата ќе се одлучи за повлекување на препораката, бидејќи тоа би имало големо влијание врз предизборието, би било негативно по напорите на Меѓународната заедница за решавање на политичката криза во Македонија, вели Маричиќ.

Според него, очекувано е да се даде условена препорака како поттик за спроведување на изборите, отколку таа да ни се одземе.

Незири, пак, смета дека губењето на препораката не е исклучено и повторува дека тоа ќе зависи од реализацијата на Пржинскиот договор.

„Во случај овој договор да не биде испочитуван докрај, тогаш и самата препорака би била ставена под знак прашалник. Нема да помине уште еднаш таа условена препорака ако овој договор кој ги подразбира основните демократски принципи не се почитува. Во тој случај нашиот пат кон ЕУ би бил завршен, со тоа што бројот на условите освен прашањето за името би биле проширени со основните демократски реформи кои земјата би требало да ги исполни“, заклучува Незири.

Инаку, годинава, првпат откако Македонија во 2004 година стапи во прва фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, летово не се одржа Совет за стабилизација и асоцијација со Унијата во Брисел. Тој беше одложен за оваа есен и сè уште нема најави дали и кога ќе се одржи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG