Достапни линкови

Загинати и урнатини во земјотресот во Италија


Во силниот земјотрес што изутрината ја погоди централна Италија биле урнати куќи и згради при што имало и затрупано луѓе. Новинските агенции јавуваат дека имало десетина загинати. Земјотресот предизвика паника кај жителите во најтешко погодените градови Акумоли, Аматриче, Поста и Аргуата дел Тронто.

Градоначалникот на Акумоли Стефано Петручи за италијанската телевизија РАИ изјави дека биле оштени многу згради.

„Четири лица се под урнатините, но тие не покажуваат знаци на живот. Станува збор за родители и деца“, рече тој.

РАИ цитира извори во полицијата дека две лица загинале во близина на селото Пескара дел Тронто.

Серџо Пироци, градоначалник на малото гратче Аматриче, исто така изјави дека имало големи штети од земјотресот.

„Половина од градот нема“, рече тој, додавајќи дека имало луѓе под урнатините и оти дошло до лизгање на земјиштето.

Земјотресот предизвика сериозна штета во голем број градови и села, но се чини дека не биле погодени густо населени области.

Телевизиските станици објавија фотографии од урнатините по улиците во повеќе градови.

Американскиот Геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со сила од 6,2 степени, а епицентарот бил во близина на градот Норчија, во регионот Умбрија. Потресот се случил во 3 часот и 36 минути.

Градоначалникот на Норчија Никола Алемано изјави дека немало пријавено загинати од земјотресот.

„Анти-сеизмичките структури на градот издржаа. Постои оштетување кај историските објекти, но нема случаи на сериозно повредени“, изјави тој.

Италијанската агенција за цивилна заштита оцени дека земјотресот бил многу силен.

„Тоа беше толку силно. Креветот на кој спиевеме се движеше по собата“ изјави Лина Меркантини од Чесели.

„Тоа беше навистина страшно. Ѕидовите пукаа, а сите книги паднаа од полиците“, вели Олга Урбани.

И жителите на Рим кој се наоѓа на околу околу 170 километри од епицентарот ги разбуди земјотресот.

Истиот регион еден час подоцна беше погоден со околу шеесетина помали земјотреси. Најсилниот од нив со сила од 5,5 степени.

Кабинетот на италијанскиот премиер Матео Ренци соопшти дека спасувачките екипи се испратени во најтешко погодените области.

Претходно, портпаролот на премиерот Ренци на Твитер напиша дека владата е во контакт со Агенцијата за цивилна заштита и оти внимателно ја следи состојбата.

Последниот голем земјотрес што ја погоди Италија се случи во градот Аквила во 2009 година, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.

Италија се наоѓа во едно од најсеизмичките подрачја во Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG