Достапни линкови

За СДСМ има фантоми, за ВМРО-ДПМНЕ опозицијата се плаши од избори


Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски денеска оцени дека по завршувањето на рокот за пријавувањето на спорните гласачи се потврдиле сите тези на нивната партија дека во Македонија има фантомски гласачи, што како што рече, се злоупотребувалеза време на изборниот процес.

“По рокот за пријавување, се докажа дека околу 30 илјади избирачи коишто се наоѓаа на Избирачкиот список во Македонија, не постојат. Не можеа да се пријават и со тоа се потврди тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на изборите коишто се одржуваа досега во Македонија, сериозно го злоупотребувале избирачкото право на граѓаните на Македонија” рече Спасовски.

Според него имајќи предвид дека и дополнителни 172 илјади избирачи се запишани на посебен извод на Избирачки список затоа што се наоѓаат надвор од земјава, можело да се констатира дека во Македонија има околу 1 милион и 500-тини илјади избирачи.

Очајно изгледа лицитирањето со бројки, од страна на раководството на СДСМ за бројот на ,,фантоми”, оценија од ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи преку соопштение на изјавата на Спасовски.

“Десет години по ред разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 200 000 гласови и СДСМ многу добро знае дека не ја уживаат поддршката кај граѓаните.Затоа, Заев и Шеќеринска прво се трудеа да ги излажат граѓаните дека имало 500 000 фантоми, па 450 000 фантоми, па 300 000 фантоми”пишуваат од владејачката партија.

Од таму наведуваат и дека на крај манипулациите од СДСМ се свеле на 30-тина илјади спорни гласачи главно од петата и шестата изборна единица. Од ВМРО-ДПМНЕ пишуваат и дека со ниедна лага СДСМ веќе не можеле да го покријат стравот од соочувањето со граѓаните на избори.

XS
SM
MD
LG