Достапни линкови

Двојно повеќе театри, двојно помалку публика


Сега има двојно повеќе професионални театри во земјава отколку пред три децении, а владата се фали дека инвестира огромни средства во театарската уметност, но најуспешна театарска година во изминативе триесет била 1988, а најнеуспешна 2013 година.

Рекордно мал број гледачи во македонските театри има во последните неколку години, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Неславниот рекорд во последните три децении е постигнат во 2013 година, кога претставите во македонските театри ги гледале вкупно 205 илјади луѓе. Вториот најлош резултат е постигнат во 2014 година, кога имало 207 илјади публика. Во 2010 година имало 214 илјади гледачи, додека по 228 илјади гледачи имало во 2006, 2009 и во 2012 година. Минатата година завршила со 237 илјади гледачи, а помалку од тоа имало уште во 2007 и 2008 година. Само 2011 година, во последната деценија, може да се смета за театарски успешна, кога имало 327 илјади гледачи.

За илустрација, во најуспешната театарска година во изминатите три децении, 1988 година, претставите ги гледале 422 илјади гледачи. Над 400 илјади публика имало и во 1986 и во 1992 година, додека по 390 илјади гледачи во театар имало во 1985, 1987, 1990 и во 1994 година. Со мали осцилации, бројот на гледачи во театрите постојано се намалува и во 1999 година паѓа на под 300 илјади годишно, за во 2013 година да го достигне неславниот рекорд од малку над 200 илјади.

Во исто време, сега има двојно повеќе професионални театри во земјава отколку пред три децении, а владата се фали дека инвестира огромни средства во театарската уметност. По опозициските критики за нерегуларности при вработувањата во театрите, Министерството за култура пред две години се пофали дека во 2006 година се остварени над 600 вработувања на уметнички кадар, дека месечните примања се зголемени за 60 проценти, како и дека ќе се вработат уште нови луѓе.

Извор: Државен завод за статистика
Извор: Државен завод за статистика

Поранешниот министер за култура и долгогодишен театарски работник Благоја Стефановски вели дека во театарот има низа проблеми, од кои како клучни ги посочува партизацијата и лошата кадровска политика во изборот на раководства, па сè до непочитувањето на законите. Театри се отвараат без никаква проценка за потребата, туку само за да се вработат партиските кадри, вели тој.

„Не може секој човек да раководи со театар. Тоа не е едноставно. Тие го сведоа на баналност, секој да може да биде директор на театар, секој да може да биде директор на фестивал“, вели Стефановски.

Стефановски додава дека во уништувањето на театарот голема вина носат и луѓето токму од театарската уметност и оти средувањето на состојбите ќе биде тежок процес.

Универзитетскиот професор и театарски критичар Мишел Павловски вели дека една од главните причини за намалување на публиката во театрите е слабиот квалитет и лошата репертоарска политика.

„Поминаа времињата кога која било од уметностите можеше да и диктира на публиката што е модерно, што е мејнстрим, што треба да се гледа. Публиката одамна не е културен идиот, како што велат културолошките студии, туку точно знае што сака. Значи, сакам да кажам дека веројатно една од причините треба да се бара во неможноста, не желбата, неспособноста на театрите да се прилагодат или да ги сфатат и новите културни текови и новите естетски текови и да сфатат каде и како може да го направат оној компромис меѓу репертоарските желби и барањата на публиката“, вели тој.

Павловски не се согласува со тезите дека интернетот го убива театарот. Уметностите се трансформираат, ги трансформираат своите цели, методи и изразни средства, но еве европскиот театар опстојува повеќе од 2,5 илјади години, вели тој.

„Одумирањето на театарот го предвидуваа со појавата на киното, потоа со појавата на телевизијата, па пред десетина години почна ново предвидување за одумирање на театарот со појавата на новите медиуми, но секогаш театарот опстојува“, вели Павловски.

Во Министерството за култура прашавме на што се должи намалувањето на бројот на публиката, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG