Достапни линкови

Здравјето на граѓаните често паѓа во втор план кога на сцена играат партиските и бизнис интересите. Загадена водата во Дојран, гевгелиска вода збогатена со тешки метали, зголемена концентрација на ПМ10 честички и до 20 пати над дозволеното. Решенија за овие проблеми не слушнавме, само оправдувања.

Министерот за здравство Никола Тодоров да се напие чаша вода од Дојранското Езеро за да докаже дека неговиот „чесен збор“ е посилен од испитувањата на Институтот за јавно здравје и тврдењето на инспекторатот дека водата е небезбедна за капење. Ваква петиција денеска се појави на социјалните мрежи. Претходно партиите се препукуваа за квалитетот на водата во Дојранското Езеро, игнорирајќи ги наводите на институциите.

За министерот Тодоров лабораториските анализи и резултатите се точни, но погрешно биле прочитани, односно биле ставени во погрешен контекст.

Негрижата за животната средина и здравјето на граѓаните е на страшно лошо ниво на сметка на партиските и бизнис интересите, наспроти сите регулативи, велат еколозите. Хидробиологот и граѓански активист Никола Писарев вели дека е многу вознемирувачки што државата многу рано се соочува со последиците од негрижата за животна средина.

„Дишеме најзагаден воздух во Европа, пиеме најзагадена вода, тоа се покажува по многу анализи. На пример во Гевгелија тоа се покажува шеста година по ред, се пие загадена вода со арсен, сега го гледаме ова со Дојран, во Вардар не можете да брцнете нога без да добиете красти, прашање е и другите езера во каква состојба се. Практично нема чисти водотеци во Македонија, што апсолутно влијае на подземните води, односно на квалитетот на водата за пиење“, вели Писарев.

Тој додава дека во Гевгелија се потрошени многу пари од фондот на здравство за лекување на последиците од неквалитетната вода за пиење наместо да се инвестира во деарсенификатор.

Пред неколку месеци гевгелискиот градоначалник Иван Франгов на седница на општинскиот совет се напи чаша вода за да покаже дека гевгеличани пијат здрава вода, иако анализите во меѓународна лабораторија покажаа дека водата од нивната водоводна мрежа содржи големи количества арсен и тежок метал ванадиум. Тетовци и Скопјани зимава дишеа воздух со зголемена концетрација на ПМ честички и до 20 пати над дозволеното.

Претседателот на невладината еколошка организација Македонски зелен центар, Методија Саздов, вели дека политичарите се плашат да преземат ригорозни и долгорочни мерки за справувањето со проблемите од животната средина, затоа што не сакаат да им го нарушат комфорот на граѓаните.

„Граѓанските организации ќе застанат зад секоја радикална мерка и непопуларна да е, која ќе води кон намалување на загадувањето, меѓутоа главен проблем тука е спроведувањето на тие мерки“, вели тој.

Причината за негрижата за здравјето на граѓаните Писарев ја бара во институциите.

„Институциите се затупени, затоа што се деградирани тотално, затоа што се уништени вредностите на институциите. Ако една институција каже дека водата не чини, треба да го прифатиме тоа, меѓутоа ни се случува разно разни нарачки кога ќе излезе некоја институција што професионално ќе си ја сработи работата, потоа се спори нивно мислење, се бараат други анализи и сè друго, тука е проблемот“, вели тој.

Неодамна по забраната за капење од државниот инспекторат во водите на Дојранското Езеро пред камери беше крштевано мало дете, а дополнително турист со голтка вода се обиде да ги собори научните анализи кои докажуваат дека водата во езерото е загадена и има патогени бактерии.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG