Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и жртви за спас на државата


ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија има стратегија за надминување на ситуацијата во државата, а таа стратегија не подразбира дека проблемот ќе се надмине без пречки, опструкции, кризи во нејзиното спроведување, лични откажувања и жртви, времени отстапки, попатни корекции и слично, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на дваесет и петтата годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата.

„Целите на стратегијата се, на прво место државата и нејзиниот интерес, како и интересот на народот, по цена за тоа да се жртвуваат одредени партиски или нечии лични интереси. Значи државата пред партијата – на дело“, рече Груевски.

Лидерот на партијата на пропушти да ги посочи непријателите олицетворени, во, како што вели, опозициската СДСМ, потоа зборуваше и за СЈО, кое, според него, непрофесионално делува, инвестициите, па за, како што рече, позитивната бизнис клима, проектите за млади...

Груевски рече дека во наредните месеци Македонија ќе стави крај на политичката игра и политичка хајка, а на изборите довербата ќе ја добие повторно ВМРО-ДПМНЕ.

Собирот се одржа денеска во спортскиот центар „Јане Сандански“, во Скопје. На конференцијата се обрати и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Нелоски. Тој зборуваше за реализираните проекти за млади и рече дека „за разлика од некои, УМС создава, а не руши. Неловски вели дека УМС постојано е меѓу младите и затоа најдобро знае што му е потребно на секој млад во Македонија.

„Нема да отстапиме ќе одиме до врвот, до крај. Тоа го заслужуваат младите кои не паднаа во замките на пленумите, и покажаа дека не потпаѓаат под осмислени сценарија на опозицијата и некои борци за права. Од оваа преполна сала младите порачуваат „НЕ СМЕ НАИВНИ“. Младите ќе го зададат последниот удар на изборите, оние избори кои СДСМ кога тогаш мора да ги прифати, а младите во Македонија ќе ја направат најголемата разлика“, рече Нелоски.

XS
SM
MD
LG