Достапни линкови

По 70 денови одблокирана пругата меѓу Скопје и Солун


По повеќе од седумдесет денови блокада на пругата на Коридорот 10 од страна на мигрантите кај Идомени во Грција, воспоставен е железничкиот товарен сообраќај меѓу Скопје и Солун.

„Поради кризата со мигрантите од арапските и африканските држави, од грчката страна на границата, кај Идомени беше блокирана пругата со што во прекин беше целокупниот железнички сообраќај меѓу Грција и Република Македонија. Блокадата, директно и индиректно, предизвика огромни штети на стопанствениците во Македонија, а и пошироко“, се вели во денешното соопштение од Македонски железници - Транспорт.

Од (МЖ) потенцираат дека со блокирањето на пругата престанал превозот на стока наменет за Македонија, но истовремено и стопанствениците од Македонија не можеле своите готови производи да ги достават до своите коминтенти на светските пазари.

Оттаму посочуваат дека блокадата негативно се одразила и на финансиската состојба на МЖ Транспорт АД – Скопје, бидејќи компанијата не била во состојба да ги реализира договорените превози од и за Солун, како и транзитот низ пругите на Македонски железници.

XS
SM
MD
LG