Достапни линкови

Гарет со порака за целосно повлекување на аболицијата


Британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет претпладнево на својот прифил на социјалната мрежа Твитер напиша „за еднаквост пред законот потребно е 56 од 56". Оваа порака се однесува на делумното повлекување на аболицијата кое претседателот Ѓорге Иванов го објави вo петокот според кое од вкупно 56 аболирани лица одлуката ја повлече за 22 лица, кои како што рече, биле политички експонирани.

Вчера одлуката за делумно повлекување на аболиција беше објавена и во Службен весник, а на списокот на лицата за кои помилувањето е повлечено од ВМРО-ДПМНЕ меѓудругите се наоѓаат партискиот претседател Никола Груевски, поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, претседателот на Собранието Трајко Вељановски , функционерите од локалната власт Коце Трајановски, Ирена Мишева, Тони Трајковски, Владимир Талески и други. Меѓу политички ескпонираните лица на кои претседателот им ја повлекува аболицијата е и првиот човек на ДПА Мендух Тачи. Од СДСМ на листата се претседателот на партијата Зоран Заев и поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски, а аболицијата им е повлечена и на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и Бранко Палифров обвинети во случајот Пуч.

Веднаш по одлуката на Иванов за делумно повлекување на аболицијата реагираше еврокомесарот Јоханес Хан кој на Твитер напиша „одлуката на Иванов за делумно повлекување на амнестијата не е доволна. Потребно е сеопфатно решение“.

Од американската амбасада пак исто така социјалните мрежи, реагираа дека парцијалните и селективни поништувања на амнестија ќе придонесат кон растечко чувство на неказнивост во земјата. Според САД, ова ќе ја спречи Македонија да направи напредок кон нејзините најважни цели, вклучувајќи го и напредокот кон НАТО и кон ЕУ.

XS
SM
MD
LG