Достапни линкови

Вељаноски ги констатираше оставките на министрите на СДСМ


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на почетокот на денешната 101 седница ги констатираше оставките на министрите за внатрешни работи и на труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски, како и на дополнителните заменици министри на СДСМ.

Претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска неколку часа пред почетокот на седницата, до Собранието ги достави оставките на министрите на СДСМ и ги достави новите предлози за министри, според кои, Митко Чавков да биде министер за внатрешни работи и Диме Спасов за труд и социјална политика.

Спасовски и Ременски и дополнителните заменици министри од СДСМ на 6 април оваа година поднесоа оставки.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за денеска во 16 часот ја закажа 101-та собраниска седница по денешната одлука на Уставниот суд да ја преиспита уставноста на самораспуштањето на Парламентот со одложена примена. Уставниот суд донесе и времена мерка за замрзнување на сите изборни активности.

XS
SM
MD
LG