Достапни линкови

Еднопартиски избори за меѓународна изолација


Нема напредок во обидот, со странска помош да се надмине кризата. Земјата освен со домашната криза, се соочува и со најави за меѓународни санкции. Ако се одржат еднопартиските избори, ЕУ нема да ја признае идната влада, а тоа ќе доведе и до изолација на целата држава.

Четири дена по посетата на германскиот специјален пратеник за Македонија Јоханес Хајндл и разговорите со партиските лидери одговорот од некои од партиите е ист како и претходно - амбасадорите на ЕУ и на САД се обидуваат преку посредни разговори да најдат решение за надминување на кризата, но нема напредок.

Следен тип на последици се политички, што не се толку видливи, но пред сè ќе се изразат врз што поголема политичка изолација на Македонија, потоа друг тип на последици економски - можно сопирање на помошта, на ИПА фондовите.

Сепак деновиве очекувањата се поврзани и со повторното најавено доаѓање на Хајндл кој според некои информации може да стигне во Скопје кон крајот на неделава или во почетокот на идната. И додека земјава домашно се соочува со проблеми, нефункционални институции и секојдневни протести, гласачкото ливче со само една опција за заокружување, како што е состојбата моментално, сè повеќе ја отвора можноста Македонија да се доведе и во сериозна меѓународна ситуација.

Тоа го навести и портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич која рече дека последните потези „ќе имаат сериозни последици“ нагласувајќи дека комисијата нема да ги признае ниту изборите на 5 јуни, ниту пак евентуалната влада која ќе произлезе од нив.

Според Малинка Ристевска- Јорданова од Институтот за европска политика под посериозни последици може да се подразберат политички и економски чекори кои Унијата може да ги преземе. Таа ги споменува одземање на препораката за датум за почеток на преговорите за влегување во Европската унија и како подрастично дури и одземање на кандидатскиот статус.

„Следен тип на последици се политички, што не се толку видливи, но пред сè ќе се изразат врз што поголема политичка изолација на Македонија, потоа друг тип на последици економски - можно сопирање на помошта, на ИПА фондовите. Конечно, санкции кои повторно може да бидат за целата држава или за поединци и не би било добро да бидат за целата држава, туку за поединци и тоа во вид на забранување на влез во државите од Европската унија, замрзнување на сметки итн “, вели Ристевска- Јорданова.

Таа објаснува и дека најавата од Европската комисија дека нема да ја признае ниту евентуалната влада која што би произлегла од изборите на петти јуни, значи дека Унијата нема да има никакви релации кои произлегуваат од сите договори кои ги има Македонија со Брисел.

„Меѓународното признавање на владата е еден од основните услови таа да може да функционира во системот на меѓународните односи. Тоа ќе значи целосна изолација за таа влада, но за жал и на Република Македонија“, вели Ристевска- Јорданова.

Во меѓувреме и Брисел не се откажува од обидите повторно да се воспостави дијалог меѓу партиите и Пржинскиот договор да остане во живот постојано повикувајќи ги сите политички лидери и релевантни власти да преземат одлучни чекори за да се справат со ситуацијата, да се зафатат со решавање на проблемите и со владеењето на правото без натамошно одложување нагласувајќи ја потребата од повлекувањето на амнестијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG