Достапни линкови

Специјалниот пратеник Јоханес Хајндл утре ќе пристигне во Скопје


Министерот за надворешни работи Никола Попоски потврди дека германскиот специјален претставник за Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл, утре ќе пристигне во Скопје. Попоски тоа го оцени како позитивен сигнал од Берлин.

„Се работи за позитивен сигнал со самиот факт што Германија покажува интерес дека сака да биде подиректно вклучена во процесите кои се случуваат во нашиот поширок регион и конкретно во Република Македонија“, изјави Попоски.

Тој додава дека има најмалку две работи за кои Германија може да и помогне на земјата.

„Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици“, вели Попоски.

Германската амбасада во Македонија исто така соопшти дека Јоханес Хајндл утре и задутре ќе биде во Скопје, каде што ќе разговара со претставниците на четирите партии, потписнички на Пржинскиот договор

Во соопштението се наведува дека Хајндл ќе има средби и со амбасадорот на САД, Џес Бејли и со другите амбасадори од земјите на ЕУ.

XS
SM
MD
LG