Достапни линкови

Границата на Европа, меѓу Македонија и Грција?


Словенија од полноќ веќе не прима мигранти без валидни пасоши и визи, соопшти словенечкото министерство за внатрешни работи. Веднаш потоа и Хрватска и Србија објавија слична мерка за да го ограничат бројот мигранти кои доаѓаат од Македонија. До ова дојде по самитот на ЕУ и Турција за мигрантската криза.

Границата на Европа ќе биде меѓу Македонија и Грција и ние ќе ги почитуваме одлуките кои беа донесени, изјави хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ.

Тој оцени дека Европа решила да почне нова фаза во решавањето на мигрантската криза и оти на границите на Шенген зоната ќе се применуваат шенгенските правила.

Во исто време, српската влада соопшти дека била информирана од Љубљана оти словенечките граничари ќе бараат од секој кој влегува на нејзина територија да има валидна виза на ЕУ.

Србија, која не е членка на ЕУ, соопшти дека ќе почне да применува слична мерка за да го ограничи бројот мигранти кои доаѓаат од Македонија.

Границата на Европа ќе биде меѓу Македонија и Грција и ние ќе ги почитуваме одлуките кои беа донесени.

Хрватска, Словенија и Србија, заедно со Австрија и Македонија драстично го ограничија влезот на мигранти во последниве неколку недели со што околу 36 илјади луѓе останаа заглавени во Грција.

Тие доаѓаат од Турција каде што во моментов има над 2 милиона и 700 илјади сириски бегалци.

Претходните напори да се сопре протокот не успеаја, и по околу 2 илјади мигранти скоро секојдневно пристигнуваат на грчките острови.

Само од почетокот на годинава досега над 130 илјади мигранти и бегалци пристигнаа во Грција од Турција.

На самитот меѓу Европската унија и Турција во Брисел беше постигната начелна согласност за турскиот предлог за враќање на сите илегални мигранти кои ќе стигнат на грчките острови.

Неколку часа по самитот во Брисел Турција и Грција ветија тесна соработка при спроведувањето на планот за враќање на мигрантите.

Со тоа, како што оценуваат посматрачите, двете земји ги оставија настрана историските разлики со цел да работат на запирањето на мигрантскиот бран.

„Денес ние сме тука за да решиме еден проблем кој се однесува на двете земји и нивните културни вредности. Овој проблем ќе биде решен со наша соработка. Никој не може да ни диктира како да се реши овој проблем. Ние многу добро знаеме како да го решиме“, изјави Алексис Ципрас на заедничката прес конференција со турскиот премиер Ахмет Давутоглу во Измир.

Давутоглу, од своја страна, рече дека целта на договорот е да се обесхрабри нелегалната миграција.

Тој ја потврди спогодбата со Грција да ги прифаќа назад мигрантите кои се обидуваат да стигнат во ЕУ.

Последните предлози за решавање на мигрантската криза наидоа на остри критики од хуманитарните организации.

„Идејата за пазарење бегалци за мигранти не е само опасно нехумана, но, исто така, не нуди одржливо долгорочно решение за сегашната хуманитарна криза“, оцени Ајверна Мекгован од Амнести интернешнал.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG