Достапни линкови

Груевски - На 5 јуни ќе се види кој е победник, а кој поразен


До 5 јуни може да глумите победници, но тогаш ќе видите кој е победник, му порача на лидерот на СДСМ Зоран Заев, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција во партиското седиште одржана еден час после полноќ. Тој рече дека нема да има ново одложување на изборите и оти на 5 јуни ќе има избори, со или без СДСМ.

„Постигнати се сите потребни услови за избори на 24 април, а тоа му е јасно на секој човек во нашата држава, како што му се јасни и причините зошто СДСМ не сака да оди на избори и бара изговори и зошто проценката на САД и на ЕУ беше таква каква што беше, како што му е јасно и зошто ВМРО-ДПМНЕ одлучи за мало поместување на изборниот ден“, рече Груевски.

Според него, одлуката за изборите била во нивни раце, како и одлуката за иднината на земјата, па затоа партијата одлучила за поместување на изборниот ден од 24 април на 5 јуни, но не за да го задоволат СДСМ, туку да не остават простор да бидат погрешни сфатени и злоупотребени од сите што не ѝ сакаат добро на Македонија и немаат интерес како нив Македонија да оди напред.

Груевски рече дека добиле уверување од претставниците на ЕУ и САД дека ова ќе биде единствено пролонгирање и нема да бараат ново, како второ до изборите повеќе да нема преговори за спроведување на изборите, бидејќи и странците веруваат дека ДИК ќе има доволно време за да го прочисти избирачкиот список, понатаму да нема нови услови за изборите на 5 јуни, како законот за медиуми, и да нема нови проценки за тоа дали земјата е подготвена за избори. Дополнително, рече Груевски, има и ново уверување од ДУИ дека стојат цврсто на одлуката за избори на 5 јуни, со или без СДСМ.

„Државата не може да биде заложник на СДСМ. Им даваме последна шанса на СДСМ да излезат на избори и да го погледнат народот во очи, само со излегување на избори се добива легитимитет и доверба од граѓаните. Оние кои сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ направи премногу компромиси, нашата попустливост се должи на силата што народот ни ја дава. Разговорите за тоа кој денеска испадна послаб или појак ќе завршат на 5 јуни“, рече тој.

XS
SM
MD
LG