Достапни линкови

Во мирна и студена атмосфера помина „најлудата ноќ“


Дочекот на Новата година во Македонија помина во мирна и студена атмосфера. И годинава традиционално во согласност со политичката биполарност во скопскиот Центар беа оддржани две прослави. За хуманитарците на јужната граница најлудата и највеселата ноќ помина работно.

Дочекот на Новата година во Македонија помина во мирна и студена атмосфера. Ниските температури не спречија илјадници граѓани да ја испратат старата 2015-та година на плоштадите. И годинава традиционално во склоп со политичката биполарноство скопскиот Центар беа оддржани две прослави. Град Скопје организираше новогодишна забава на плоштадот Македонија, а Општина Центар на само 100 метри подалеку, на Сквер Јадран, организираше друга новогодишна забава. Тамара Тодевска и Оливер Драгоевиќ ги забавуваа гостите на плоштадот Македонија, додека гостите на сквер Јадран ја дочекаат Новата 2016 со звукот на Дубиоза Колектив.

Охриѓани и бројните гости од земјата и странство синоќа во свечен новогодишен амбиент, со голем огномет ја испратија старата 2015 и ја дочекаа Новата 2016 година. Неколкуте илјади граѓани на Охрид, како и туристи на Градскиот плоштад на доста студено време од десет степени Целзиусови под нулата, се забавуваа на хитовите на Боби Мојсоски, Викторија Лоба и Калиопи.

За хуманитарците на јужната граница најлудата и највеселата ноќ помина работно. На минусни температури ја дочекаа на терен, заедно со мигрантите. Тие на социјалните мрежи споделија фотографии од камповите каде што пишуваат дека и оваа вечер биле заедно со бегалците кои судбината ги донесла пред македонскиот праг.

Главно се работеше за интоксикации со алкохол, додека во три случаи биле со марихуана и со психоактивни супстанци како што се екстази и други разни таблети“, изјави в.д. директорот на Клиниката, Нестор Поповски

Во раните утрински часови е пронајдено машко тело во близина на угостителски објект во Охрид. Службата за Итна медицинска помош, го пренела телото во Општата болница во Охрид. Од таму велат дека биле неуспешни обидите за реанимација.

Клиниката за токсикологија и годинава имаше работа. Во текот на новогодишната ноќ на Клиниката се примени 30 лица под дејство на алкохол, од кои 60 отсто се машки, а 40 отсто женски лица, малолетни под 18 години биле шест, од кои најмалата има 14 години.

„ Главно се работеше за интоксикации со алкохол, додека во три случаи биле со марихуана и со психоактивни супстанци како што се екстази и други разни таблети“, изјави в.д. директорот на Клиниката, Нестор Поповски кој додаде дека сите примени лица завршија добро, испратени се дома и никој не е задржан на натамошно лекување.

Директорката на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Јасмина Чабуковска информира дека во текот на вчерашниот ден се прегледани 97 пациенти, од кои шест се повредени во сообраќајки, шест се повредени во тепачки, а останатите се повреда при пад на лизгав терен или дома и болки во стомакот. Таа додаде дека во однос на претходните години изминатата ноќ во однос на повредите помина мирно.

И Итната медицинска помош во Скопје оценува дека новогодишната ноќ минала релативно мирно, имале 62 интервенции, од кои осум транспорти на алкохолни интоксикации и едно малолетно лице.

Првородени годинава во Скопје се две машки и едно женско бебе. Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, најави дека напрвороденчињата, ќе им подари штедни книшки со 20.000 денари и други пригодни подароци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG