Достапни линкови

Вељаноски: Демократијата подразбира цврсти институции и постоење правда


Македонија покажала дека има капацитет да се носи со тежината на проблемите што произлегуваат од нејзината самостојност, истакна денеска претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски во обраќањето на свеченоста во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце. Вељаноски повика на соработка и дијалог меѓу политичките партии и истакна оти верува дека до крајот на летото ќе се отвори нова демократска перспектива. Тој укажа дека Македонија е толку цврста внатре, колку што е интегрирана надвор, безбедна внатре, колку што има поцврста соработка надвор, сигурна внатре, колку што се сигурни нејзините релации надвор. Вељаноски нагласи и дека Македонија останува посветена на интегрирањето во ЕУ и во НАТО додавајќи дека земјава посветувала и ќе посветува голема енергија во унапредувањето и во развојот на односите со нашиот стратешки сојузник Соединетите Американски држави. Во однос на спорот за разликите за името тој истакна дека друг начин освен соочување со проблемот не постои и оти друг политички метод освен дијалогот, Македонија не познава. Продолжуваме, како што рече, посветено да ги негуваме односите со нашиот јужен сосед. Продолжуваме да разговараме и да објаснуваме дека Македонија не и’ е непријател на Грција, ниту македонскиот народ на грчкиот народ. Вељаноски истакна и дека парламентот е институцијата во која се вкрстуваат идеите за да се исфилтрира вистинскиот проект, а не е институцијата од каде се поткопуваат демократските темели на државата.

“ Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад за да се замаглат вистинските дела. Ниту една политичка бомба не може да предизвика доволно голем политички чад со кој ќе се прикријат субвенциите на земјоделците, километрите изграден автопат, новите работни места, инвестициите и сé друго што е позитивно. Сепак, важно е, исто така, јасно да се подвлече дека демократијата подразбира цврсти институции и постоење на правда. Дека постојат закони кои се почитуваат од сите. Затоа да најдеме основа за соработка во кризата која се создаде” наведе Вељаноски.

XS
SM
MD
LG