Достапни линкови

Договорот од Пржино - „разумен компромис“


Лидерите се договорија за влада која ќе ги спроведе предвремените избори. Сите се задоволни, но ничии барања не се целосно задоволени. И едните и другите веруваат дека на изборите во април ќе победат.

По дванаесет часа разговори во резиденцијата на Европската унија, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи ги ставија потписите на документот од страница и половина именуван како Протокол кон договорот од 2 јуни. Во него се предвидува актуелната Влада да поднесе оставка, а новата да биде инаугурирана на 15 јануари, сто дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април. На чело на таа влада партиите договорија да биде премиер номиниран од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова што го правеше опозицијата, тоа е навистина жално, трагедија. Што се постигна договор, тоа за сите граѓани на Македонија е добро, а изборите ќе покажат за кого е народот.

Утринава камперите пред владата и пред собранието имаа различно расположение за тоа што договориле нивните партиските лидери. И на двете места сметаат дека 24 април ќе биде победнички за нивната партија.

„Ова што го правеше опозицијата, тоа е навистина жално, трагедија. Што се постигна договор, тоа за сите граѓани на Македонија е добро, а изборите ќе покажат за кого е народот“, вели жител на провладиниот камп.

Задоволни сме и сметаме дека поголем процент од тоа што го баравме го добивме. Се надевам дека на 24 април народот ќе сфати со каква криминална власт си има работа.

„Задоволни сме и сметаме дека поголем процент од тоа што го баравме го добивме. Се надевам дека на 24 април народот ќе сфати со каква криминална власт си има работа“, вели жител на опозицискиот камп.

Договорот предвидува, пак, до изборите, односно на први септември СДСМ да се врати во парламентот, а на 20 октомври да ги постават своите министерски кадри во МВР и труд и социјала. На истиот датум треба да бидат именувани и заменици од СДСМ во финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе добие свои заменици во МВР и труд и социјала. Замениците, се предвидува во документот, ќе имаат полно право на преглед и вето во нивните министерства во сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите.

Ние постигнавме договор во кој СДСМ се враќа во Парламентот на 1 септември.

Нов специјален јавен обвинител треба да се избере до 15 септември годинава и тој би имал целосна автономија да ја води истрагата околу разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите.

Баравме оставки, ги добивме пред неколку месеци. Баравме оставка од Груевски, да не ги спроведува тој изборите, ја добивме оставката. Баравме преодна Влада, еве ја преодната Влада, којашто е гарант на фер, слободни и демократски избори.

Денот вчера беше мачен, коментираат извори вклучени во разговорите во Пржино. Еврокомесарот Јоханес Хан, кој дојде во Скопје завчера, и покрај немањето на изгледи за договор вчера доцна вечерта реши да остане и да го пропушти летот за Брисел. Пред резиденцијата, на новинарските екипи кои постојано беа во исчекување неколкупати им се одложуваше терминот за претходното закажаната прес-конференција на Хан во претставништвото на ЕУ, па последната информација беше дека таа воопшто нема да се одржи, што ги подгреа гласините дека најверојатно договор и нема да има. Но, по полноќ, следуваше изјавата на еврокомесарот и прес-конференциите на Груевски и на Заев на кои беше објавено дека е постигнат договор.

Премиерот од владата во раните утрински часови ги обвини опозиционерите дека правеле сè да не се дојде до договор, оти знаеле дека ќе изгубат на изборите.

„ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено и не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател, како и секогаш досега, интересите на државата и интересите на државата и интересите на народот ги ставивме пред личните и пред партиските интереси, знаејќи дека СДСМ ќе ја искористи секоја и најмала можност да избега од изборите, знаејќи дека нивната цел е континуирана криза во државата која ќе ја подрие нашата економија, знаејќи дека тие само во една атмосфера на дестабилизација и криза, прилично себично кон народот ја гледаат својата шанса, ние постигнавме договор во кој СДСМ се враќа во Парламентот на 1 септември“, рече Груевски.

Половина час подоцна Заев од партиско седиште порача дека и тие се задоволни од договореното.

„Преговаравме. Ова е договор во интерес на Република Македонија и во интерес на граѓаните. Нашите очекувања беа дека ќе испорачаме гаранции, токму опозицијата да биде гарант на враќањето на демократските институции, нормализирањето на државата, враќањето на корективите во општеството и гарант за слободни, фер и регуларни избори. Тоа беа нашите очекувања. Баравме оставки, ги добивме пред неколку месеци. Баравме оставка од Груевски, да не ги спроведува тој изборите, ја добивме оставката. Баравме преодна Влада, еве ја преодната Влада, којашто е гарант на фер, слободни и демократски избори“, рече Заев.

Ова не е прв долгочасовен обид на Хан да дојде до некакво решение. Зад затворени врати лидерите преговараа со часови и во Скопје, Стразбур и Брисел, а лидерски средби на кои не беше присутен високиот европски дипломат имаше и во Клубот на пратениците, но тие вообичаено траеја пократко.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG