Достапни линкови

Грозданов: Работата и креативноста се мојот modus vivendi!


Новинарот, писател и театарски критичар Борче Грозданов.
Новинарот, писател и театарски критичар Борче Грозданов.

„Сништа и сеништа“ е насловена најновата книга на новинарот, писател и театарски критичар Борче Грозданов. Станува збор за објава на книгоиздателството „Контура“ од Скопје и за дело за кое за кое ќе биде забележано дека е „напишано со страст, со став, со концепт“.

Најновата книга од Борче Грозданов „Сништа и сеништа“ најубаво и најточно е да се определи како книга, а не како стихозбирка, хаику збирка, збирка со афоризми и слично, бидејќи таа е и едното и другото, односно КНИГА во вистинска смисла на зборот. Книга со страст, со став, со концепт... Содржински - со прекрасен текст, а визуелно и со извонредни илустрации.

Реалноста и општеството кај мене си го земаа својот данок, а сништата ми го компензираат она што недостига преку убавина, љубов, почит, трепетливи и силни чувства, емоции до солзи ...Има тука и солзи од мака, но преовладуваат оние од силен наплив на убавото.
Борче Грозданов, новинар, писател и театарски критичар.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи Д-р Христо Петрески во рецензијата за актуелната објава на новинарот, писател и театарски критичар Борче Грозданов што како издание на „Контура“ беше промовирана деновиве.

„Реалноста и општеството кај мене си го земаа својот данок, а сништата ми го компензираат она што недостига преку убавина, љубов, почит, трепетливи и силни чувства, емоции до солзи ...Има тука и солзи од мака, но преовладуваат оние од силен наплив на убавото“, ќе рече авторот.

Книгата е поделена во пет посебни тематски целини: Љубов, За мајка ми и сите мајки, Шиле, Дијалози и Социлајни.

Човек без работа е ништо. Апсолутно ништо. Работата исполнува. Работата и креативноста се modus vivendi барем кај мене и верувам кај многумина што работат и што сакаат да творат. Но, пред се треба да се има желба.
Борче Грозданов.

Во првиот дел се поместени лирски интимни исповеди; во вториот дел содржани се сатириконски изблици и искри; во третиот кратките но содржајни, искрени и доживеани напеви посветени на прерано починатиот актер Васил Шишков; во четвртиот дел има дијалошки, делнични, театарски и други пасажи; а во петтиот дел преовладуваат хуморот, парадоксите и козеријата...
Со оваа книга, како што ќе констатира Петрески, всушност „авторот потврдува дека има дарба за лапидарен, јадровит, стегнат и концизен исказ, но и смисла за хумор, сатира, хаику и афоризам...“.

Говорејќи за мотивот за креација, за силната потреба да се твори Грозданов знае да каже дека за него „мислата е сè“. Дека умот и разумот се повеќе од материјалното.

„Човек без работа е ништо. Апсолутно ништо. Работата исполнува. Работата и креативноста се modus vivendi барем кај мене и верувам кај многумина што работат и што сакаат да творат. Но, пред се треба да се има желба. А, во однос на мојата состојба, во однос на мојот хендикеп, не дека не беше мачно во овие пет години, но јас едноставно научив да се носам со тоа. Научив дека тоа не е единствениот мој и општествен проблем. Конечно ми стана јасно дека всушност здравјето е во главата.“

Од таму нималку не чуди што Борче Грозданов веќе ги испишува страниците за својата идна творечка објава. Вели дека завршил една третина од збирката раскази во која ќе бидат поместени патешествијата со неговиот драг пријател, починатиот актер Васил Шишков кому му е посветено и едно од поглавјата во „Сништа и сеништа“.

„Шиле ми е голема болка во животот. Голем другар ми беше. Тој го живееше животот само за едно – да се спои и да го достигне некако татко му. Сега се заедно и веројатно е некако задоволен. Само тоа ме теши. Инаку, Шиле ми беше другариште, да не речам брат...Сопатник со кој честопати и преку кавги си верувавме, си опониравме...но сепак, сепак пријатели до крај. Тоа е таа тага што ја носам и која би сакал да ја споделам со светот. И мора да го кажам за него она што многумина не го знаат или, пак, грешно го интерпретираат. “

Кон ова само уште информацијата дека Борче Грозданов е автор на збирките поезија „Пориви“, „Грст стихови“ и „Четириесет воздивнувања“, монографијата „Чекори под ѕвездените штици“, посветена на 50-годишнината на Н.Т „Антон Панов“ од Струмица, а за збирката театарски рецензии „На(д) сцената 2“, објавувани во весникот „Вечер“ во периодот од 2004 до 2014 година, тој е добитник на наградата „Мито Хаџивасилев - Јасмин“ за публицистика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG