Достапни линкови

Вести

Умре кралот на Саудиска Арабија

Кралот Абдула кој владееше во Саудиска Арабија од август 2005 година, почина синоќа на 90 годишна возраст, јави саудиската државна телевизија. Тој веќе неколку недели беше во болница со дијагноза воспаление на белите дробови. Абдула кој беше еден од најстарите монаси во светот, на чело на земјата која е најголем произведувач на нафта, ќе го наследи неговиот 79 годишен брат Салман. Тој веднаш ќе ја преземе власта. Смртта на кралот Абдула кој важеше за реформист и умерен во рамките на кралското семејство Сауд, доаѓа во тешко време за земјата од 29 милиони жители и силен сојузник на Соединетите држави. Од една страна цената на нафтата паѓа, а земјата е под напади на џихадистите. Кралот Абдула имал четири сопруги, седум синови и 15 ќерки.

види ги сите денешни вести

Папата ќе учествува на Самитот на Г7 во Италија

Папата Франциск
Папата Франциск

Папата Франциск ќе учествува на овогодинешниот состанок на лидерите на Г7, на кој ќе се разговара за предизвиците на вештачката интелигенција, соопшти денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Средбата, на која ќе присуствуваат челниците на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Канада и Јапонија, ќе се одржи во јужниот италијански регион Пуља од 13 до 15 јуни.

„Ова е првпат во историјата Светиот Отец да учествува во работата на Г-7“, истакна Мелони во видео пораката.

Во руски напад повредени се три деца

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Три деца се повредени во рускиот напад на областа Харков, соопштија украинските власти.

Шефот на регионалната воена управа, Олег Синегубов, првично изјави дека руските војници го нападнале градот Дергачи и дека две малолетни девојчиња се повредени, пренесува РСЕ на англиски јазик.

На девојчињата на возраст од 16 и пет години им е укажана лекарска помош на лице место, без хоспитализација“, изјави Синегубов.

Тој додаде дека руската армија го таргетирала централниот дел на Дергачи со воздушни бомби. Шефот на регионот подоцна објави дека бројот на повредени е зголемен на четири.

„Четиригодишно момче и 52-годишна жена се здобија со полесни повреди и акутна стресна реакција“, рече тој.

Во текот на претходниот ден во руското гранатирање на областа Харков беа повредени вкупно 13 лица. Неодамна руските трупи ги интензивираа нападите врз Харков и регионот Харков.

Градоначалникот на Харков, Игор Терехов изјави дека руските војници најчесто го напаѓаат тој град со гранати Ц-300 од регионот на Белгород, но и дека се почесто се користат беспилотни летала. Од почетокот на војната, Москва негираше дека цели на цивили.

Брнабиќ најави формирање на работна група за исполнување на препораките на ОДИХР

Ана Брнабиќ
Ана Брнабиќ

На средбата на претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ со претставници на пратенички групи, политички партии на националните малцинства и граѓански организации, беше постигнат договор за формирање работна група за подобрување на изборниот процес и исполнување на препораките на ОДИХР, соопшти Кабинетот на претседателката на Собранието на 26 април.

„По барање на пратениците од опозицијата, таа работна група ќе ја претседаваат претставници на граѓанскиот сектор и нејзиното формирање е договорено за 29 април, за кога е свикана седницата на надлежната Комисија за уставни прашања и законодавство“, се наведува во соопштението.

Се додава дека не е постигнат договор за формирање на работна група за увид, ревизија и контрола на избирачкиот список.

„Пратениците на владејачкото мнозинство предложија, заради ефикасност, да се формира работно тело кое ќе може веднаш да почне со работа. На барање на пратениците од редовите на опозицијата и претставници на граѓанските организации тој предлог не беше прифатен“, пишува во соопштението.

На состанокот присуствуваа претставници на пратеничките групи - Александар Вучиќ - Србија не смее да застане, Народно движење на Србија - Ново лице на Србија, Ивица Дачиќ - Социјалистичка партија на Србија, Зелено - Левичарски фронт, Не вивимо Белград, Ми - Гласот на Народ, ПУПС - Солидарност и правда, Социјалдемократска партија на Србија, ПС-НСС-УСС-РС, Драган Марковиќ Палма - Единствена Србија, Еколошко востание, како и претставници на граѓанските организации ЦРТА, Транспарентност Србија и ЦЕСИД.

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, за 2 јуни распиша локални избори во 66 градови и општини во Србија каде што не беа одржани во декември минатата година, кои ќе се одржат истовремено со претходно најавените избори во Белград. Изборите за Белград се одржаа на 17 декември заедно со парламентарните и покраинските избори. Тие се повторуваат затоа што ниту една партија или коалиција не освои доволно гласови за формирање влада.

Опозицијата во Србија е поделена околу тоа дали треба да учествуваат или да ги бојкотираат. Свое учество на изборите најавија Зелено-левичарскиот фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Новото лице на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Центарот Србија и НАДА коалицијата најави дека нема да учествува бидејќи смета дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

По изборите на 17 декември, опозицијата ја обвини власта за кражба, што владејачката Српска напредна партија (СНС) и државниот врв го отфрлија таквото тврдење.

Меѓународните и домашните набљудувачи констатираа нерегуларности на изборите. Меѓународната набљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) издаде 25 препораки до српските власти за подобрување на изборните услови.

Европскиот парламент ќе отвори канцеларија во Западен Балкан за контрола на проширувањето во ЕУ

Илустрација
Илустрација

Европскиот парламент планира да отвори нова канцеларија во Западен Балкан со цел да се подобри контролата врз процесот на проширување, објави порталот „Еурактив“.

Во документот усвоен на пленарната седница на ЕП во Стразбур оваа недела се наведува дека отворање нова канцеларија на Западен Балкан е со цел да се понуди поголема поддршка на патот на европската интеграција на земјите кандидати или потенцијалните кандидати за членство во Европска Унија.

„Новата канцеларија ќе ги зајакне односите со партнерските парламенти од Западен Балкан и ќе ја зголеми видливоста на претставниците на ЕП во активностите поврзани со процесот на проширување на ЕУ … Канцеларијата ќе му даде на ЕП поголема контрола врз процесот на пристапување бидејќи ќе работи со постојните делегации на ЕУ кои работат под контрола на Европската служба за надворешни работи“, се истакнува во документот.

ЕП има локална канцеларија во секоја земја-членка на ЕУ. Поддржува контакт и комуникација, организирање настани и интеракција со локалните медиуми. Во ноември минатата година, ЕП отвори канцеларија во Украина на барање на Владата во Киев.

Во моментов има само неколку локални канцеларии на Европскиот парламент во земји надвор од ЕУ, како што се САД, Етиопија и Индонезија.

Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија се земјите од Западен Балкан кои имаат статус на кандидати за членство во ЕУ. Косово нема статус на земја кандидат за членство во ЕУ.

Случајот со браќата Тејт оди пред судот во Романија

Ендрју Тејт (десно) и неговиот брат Тристан (лево) го напуштаат судот во Букурешт на 29 февруари 2024 година
Ендрју Тејт (десно) и неговиот брат Тристан (лево) го напуштаат судот во Букурешт на 29 февруари 2024 година

Судењето во Романија на инфлуенсерот Ендрју Тејт за трговија со луѓе може да продолжи, одлучи судот во Букурешт на 26 април, десет месеци од првото обвинение против него. Во јуни, Тејт беше обвинет заедно со неговиот брат Тристан и две Романки за трговија со луѓе, силување и формирање криминална група за сексуална експлоатација на жени. Сите четворица осомничени ги отфрлија обвиненијата.

Досега случајот беше пред прелиминарниот совет на судот во Букурешт, кој требаше да ги разгледа списите на предметот и доказите за да се осигура законитоста на постапката. Таа постапка е завршена.

„Судот ја забележува законитоста на управувањето со доказите од страна на обвинителот и одлучува предметот да оди на судење“, наведуваат оттаму.

Претставниците на браќата Тејт рекоа дека датумот за судење се уште не е одреден и дека одлуката ќе биде обжалена. Во одделен случај, романскиот суд во март го одобри британското барање за екстрадиција на браќата Тејт поради наводите за сексуален напад од 2012 до 2015 година, но дури по завршувањето на романското судење. Како што пишува Ројтерс, случајот со браќата Тејт ќе биде тест за романската единица за борба против организираниот криминал.

Трговијата со луѓе се казнува со затвор до десет години, како и силувањето. По нивното апсење во Романија во декември 2022 година, браќата Тејт беа задржани во полициски притвор три месеци пред да бидат префрлени во домашен притвор.

Тие во моментов не можат да ја напуштат Романија. Романските обвинители рекоа дека браќата Тејт ги регрутирале своите жртви заведувајќи ги и лажно тврдејќи дека сакаат врска или брак. Жртвите потоа биле однесени во имоти надвор од Букурешт, каде што биле принудени да произведуваат порнографска содржина за социјалните мрежи, преку кои генерирале големи финансиски профити.

Тејт, поранешен кик-боксер кој има британско и американско државјанство, стана глобално познат по неговите мизогински мотивациони видеа. Тој беше исфрлен од реално шоу поради снимка на која тепа жена. Поради неговите мизогински и агресивни изјави кон жените, му беше забранет пристапот на повеќето социјални мрежи. Тој беше забранет на Твитер се додека Илон Маск не ја презеде платформата.

Судски совет најавува спроведување на препораките на оценската мисија на ЕУ

Весна Дамева, претседателка на Судски совет
Весна Дамева, претседателка на Судски совет

Деловникот на Судскиот совет ќе се менува во насока на предвидување на рокови за движење на предметите, кратење на роковите за одлучување, измена на правилникот за бодувањето на судиите за избор во повисоки судови, како и да мора да има образложение на избор и неизбор, а одлуките да бидат индивидуализирани и да се засноваат на објективни стандарди.

Ова се дел од измените предвидени со новата комуникациска стратегија на Судскиот совет, со кои, како што информираа на денешниот брифинг со новинари, треба да бидат решени пет од препораките на Оценската мисија на ЕУ.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, појасни дека изработената комуникациска стратегија се очекува да биде усвоена откако претседателите на судовите ќе дадат мислење и во јуни годинава.

Дамева посочи дека изработката на стратегијата е дел од акциски план за спроведување на препораките на Оценската мисија на Европската унија за функционирањето на Судскиот совет, изработен во јануари годинава.

„Акцискиот план е јавно објавен. Во него се опфатени 17 препораки во директна надлежност на Судски совет. За секоја препорака има одговорно лице со конкретни мерки и не смее да има пречекорување на временската рамка“, вели Дамева.

Oценската мисија на ЕУ во декември минатата година го достави Извештајот за функционирањето на Судски совет со 40 краткорочни и среднорочни препораки за подобрување на неговото функционирање.

Препораките, како што информираа тогаш од Делагацијата на Европската унија се групирани во шест сегменти - структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.

Вкупно 17 препораки се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени. Од нив, седум се однесуваат на транспарентноста и десет за изборот и унапредувањето на судии, што е клучна функција на Судскиот совет.

Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии, како и за зголемување на буџетската автономија.

Извештајот тогаш беше споделен со властите и надлежните институции и не беше јавно објавен.

Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември минатата година, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор.

Во Украина се вратени телата на 140 загинати војници

Илустрација
Илустрација

Вкупно 140 загинати војници се вратени во Украина, соопшти на 26 април Координативниот штаб за третман на воени затвореници.

„Поточно, беше можно да се вратат 112 тела на војници кои се бореле во правец на Доњецк, 20 во Луганск, пет тела на војници од правец на Суми, двајца загинати војници во правец на Запорожје и еден од правец на Херсон“, се вели во соопштениети, известува РСЕ на англиски јазик.

Од Координативниот штаб изјавија дека на враќањето учествувале претставници од различни сектори од безбедносниот и одбранбениот сектор и му се заблагодариле на Меѓународниот комитет на Црвениот крст за помошта.

Вооружените сили на Украина во иднина планираат да ги префрлат телата на жртвите во одредени државни институции за идентификација.

Потоа телата ќе им бидат предадени на семејствата за погреб.

На 12 април, координативниот штаб најави враќање на 99 тела на загинатите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави на 25 февруари, по повод втората годишнина од руската инвазија, дека 31.000 украински војници загинале во војната.

Тоа беше прва официјална потврда на украинскиот претседател за воени загуби, но Зеленски не го прецизираше бројот на ранети војници од безбедносни причини.

„Њујорк тајмс“ објави во август 2023 година, цитирајќи неидентификувани американски официјални лица, дека до тој датум биле убиени 70.000 украински војници, а 100.000 до 120.000 биле ранети.

Во извештајот на „Њујорк тајмс“ се наведува и дека Русија претрпела 120.000 мртви војници и 170.000 до 180.000 ранети. Русија не објавува податоци за воените загуби.

До 30 април на полноќ пријавување на болните и изнемоштените за гласање

Државна изборна комисија
Државна изборна комисија

Најдоцна до 30 април на полноќ избирачите кои се болни или немоќни треба да се пријават во Општинските изборни комисии за да може да бидат посетени во своите домови на 8 мај и да гласаат за изборите за пратеници и за вториот круг од претседателските избори.

„Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице), а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање односно до 30 април на полноќ“, стои во Роковникот за парламентарните избори на Државната изборна комисија.

За лицата кои се болни или немоќни, а сакаат да гласаат исто така до ОИК треба да биде доставена соодвтена медицинска документација.

На 4 мај истекува рокот за барања за гласање на лица кои се во домашен притвор.

Болните и немоќните, затворениците, лицата во домашен притвор и лицата во старските домови гласаат еден ден пред изборите и тоа на 7 мај.

Украинскиот министер за земјоделство ослободен откако плати кауција

Микола Солски, министер за земјоделство на Украина, 18 мај 2022 година
Микола Солски, министер за земјоделство на Украина, 18 мај 2022 година

Украинскиот министер за земјоделство, Микола Солски, кој беше приведен поради обвинувања за корупција, беше ослободен на 26 април откако плати кауција.

По истрагата на Националната антикорупциска канцеларија (НАБУ), украинскиот Антикорупциски суд нареди Солски да биде приведен под обвинение дека незаконски се стекнал со земјиште во вредност од околу 291 милион гривни (околу 6,8 милиони евра), пишува РСЕ на англиски јазик.

Претходно денеска, судијата нареди Солски да биде задржан во притвор до 24 јуни и одреди кауција од 75 милиони гривни (1,7 милиони евра), иако обвинителот препорача многу поголема кауција од 200 милиони гривни (4,7 милиони евра).

Во соопштението за печатот издадено од Министерството за земјоделство по налогот на судијата, се наведува дека е платена кауција од 75,7 милиони гривни за ослободување на Солски, кој „продолжува да ги врши овластувањата на министерот за земјоделство на Украина“.

Не е наведено кој ја платил кауцијата. Солски (44) е првиот член на владата на претседателот Володимир Зеленски кој официјално е обвинет за корупција.

Откако беше објавено дека е осомничен за корупција, Солски на 25 април ја понуди својата оставка во писмо што на Фејсбук го објави претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук.

„Неговата понуда ќе биде разгледана на претстојната собраниска седница“, рече Стефанчук.

Солски ги негираше обвиненијата, велејќи дека случајот е поврзан со спор помеѓу 2017 и 2018 година пред тој да стане министер. Тој вети дека целосно ќе соработува со истрагата.

Националното Биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) објави претходно оваа недела дека Солски бил вмешан во заговор што резултирал со негово преземање на државно земјиште во вредност од милиони евра.

Тој, наводно, се обидел да стекне повеќе земјиште во вредност од 190 милиони гривни (околу 4,5 милиони евра).

НАБУ рече дека Солски бил координатор на шемата во која биле вклучени уште три лица, вклучително и двајца вработени во државната канцеларија за катастар.

Украинското Министерство за земјоделство ги надгледуваше напорите на Киев да продолжи со извоз на жито и други производи и покрај руските обиди да ги блокира извозните рути на Црното Море.

Зеленски го отпушти министерот за одбрана Олексеј Резников минатата година по серијата корупциски скандали поврзани со неговото министерство и набавка на резерви за украинските војници кои се борат против Русија на истокот од земјата.

Руското Министерство за правда бара забрана за непостоечко сепаратистичко движење

Зградата на руското Министерство за правда
Зградата на руското Министерство за правда

Руското Министерство за правда во петокот објави дека побарало од Врховниот суд да го забрани меѓународното „Антируско сепаратистичко движење“, организација која најверојатно не постои, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според Министерството, рускиот Врховен суд ќе го разгледа неговото барање на 7 јуни.

Министерството смета дека ова движење се обидува да го „уништи мултинационалното единство и територијалниот интегритет на Русија“ и поради тоа треба да биде забрането во Русија.

Организација наречена „Антируско сепаратистичко движење“, како што е „Меѓународното социјално ЛГБТ движење“, кое руските власти претходно го прогласија за екстремно, не постои, забележува ОВД-Инфо, организација во Русија која ја следи репресијата.

Во ноември 2023 година, Врховниот суд го забрани „Меѓународното социјално ЛГБТ движење“. Таа организација всушност не постои, но судот пресуди дека ЛГБТ активистите ширум светот имаат заеднички карактеристики што може да се смета дека учествуваат во истото движење.

Руските организации за човекови права потоа побараа од Врховниот суд да го отфрли барањето за забрана, предупредувајќи дека „невозможно е да се нарече група луѓе „социјално движење само затоа што ги обединуваат некои лични карактеристики“.

Забраната беше најдрастичниот чекор во децениското задушување на правата на ЛГБТ во Русија во времето на претседателот Владимир Путин, кој ги направи „традиционалните семејни вредности“ камен-темелник на неговото владеење.

Минатата година, Генералното обвинителство означи како непожелни организации две движења регистрирани во странство - „Лигата на слободни нации„ и „Форумот на слободни народи на пост-Русија“, кои се залагаат за самоопределување на етничките републики во рамките на Руската Федерација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG