Достапни линкови

Расте употребата на синтетички дроги во Битола


Илустрација.
Илустрација.

Расте употребата на синтетички дроги во Битола, а расте и бројот на лица заболени од хепатитис Ц, предупредуваат познавачите.

Расте употребата на синтетичките дроги од страна на наркозависниците, предупредува полицискиот инспектор Петко Бурлијовски кој неодамна се пензионира, а целиот работен век беше во криминалистистичка полиција и работеше на сузбивање на дрогата. Тој своето искуство го пренесе во книгата „Дрогата - модерен уништувач“ со цел заштита на идните генерации од наркотиците. Посочува дека до 2011 година бројот на наркозависници во Битола бил 380, а денес е поголем. Полицијата неодамна откри дека во градот се употребува и новата синтетичка дрога „крокодил“ која е многу опасна.

Во услови на невработеност од 28 проценти во Македонија кој сака да вработи лице кое е наркозависник? Никој.
Петко Бурлијовски, прензиониран полициски инспектор.

„Седумдесет до осумдесет нови видови на синтетички дроги годишно се произведуваат во светот. Една нова дрога која се вика „крокодил“ е произведена во Русија, посовремена е, го заменува хероинот. Многу е поевтина и ја користат, а за возврат на тоа е многу поопасна. Се распаѓа местото од нејзина употреба, создава психичка и физичка зависност и зависникот умира, му нема спас“, вели Бурлијовски.

Повикувајќи се на долгогодишното искуство, инспекторот посочува дека во Битола се користи и дива марихуана, која ја има на нивите во Градско Поле, па зависниците ја берат. Така, битолски дилер растенијата од марихуана ги обележувал со женски имиња да знае од каде се откако ќе го утврди нивниот квалитет. Во книгата е посочено дека дрогата се проба и од задоволство. Млади слушнале дека со неа им се зголемува сексуалната моќ, па ја набавиле. Девојка на зависник од хероин, сакајќи да му помогне тој полесно да се справи со кризите, почнала да се дрогира.

Секоја година расте бројот на заболени пациенти од хепатитис Ц. Просечно до 2004 година се лекувале двајца пациенти, од 2010 година бројката на лекувани пациенти се движи од 12, па стигнавме до 20.
Доктор Данчо Балаловски, специјалист инфектолог.

Зависниците се на некој начин и стигматизирани од средината, додава поранешниот инспектор.

„Во услови на невработеност од 28 проценти во Македонија кој сака да вработи лице кое е наркозависник? Никој. Можно е на време да не доаѓа на работа или да бега пред време, а многу и стравуваат да не им украде нешто за да набави пари за да купи дрога“, додава Бурлијовски.

Во последните години загрижува и порастот на лица заболени од хепатитис Ц, болест која најчесто се јавува кај наркозависници кои вбризгуваат дрога без стерилни шприцеви.

„Секоја година расте бројот на заболени пациенти од хепатитис Ц. Просечно до 2004 година се лекувале двајца пациенти, од 2010 година бројката на лекувани пациенти се движи од 12, па стигнавме до 20. Но, бројот на пациенти кои преку Центарот за наркозависници го следиме, кои се потенцијални кандидати да станат заболени, е многу поголем. Со современиот начин на живеење ризикот за појава кај младата популација на оваа болест, доколку не се преземат соодветни мерки, ќе биде се поголем“, изјави доктор Данчо Балаловски, специјалист инфектолог.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG