Достапни линкови

Промоција на мерките за вработување на младите


Илустрација.

Илустрација.

Согласно владините мерките, вработувањето на младите активни баратели на работа би се подржувало со бруто плата од 13.000 денари.

Секцијата на млади при Сојузот на синдикатите на Македонија организира промоција за владините мерки за помагање при вработувањето на младите. Согласно мерките, вработувањето на активните баратели на работа би се подржувало со бруто плата од 13.000 денари, но пресметките покажуваат дека од тој износ на младиот работник би му останале близу 4.000 денари месечно расположлив приход.
Пакетот мерки може да им овозможи доста добар почеток.

Претседателката на секцијата Лидија Насковска вели дека лично смета дека младите се ангажирани и активно бараат работа.

„Пакетот мерки може да им овозможи доста добар почеток, затоа што наша цел е отпочнување една кампања на ССМ, отпочнување кампања низ сите градови преку нашите синдикални канцеларии и синдикални претставништва да овозможиме запознавање на пакетот мерки, на младите да им се подостапни за да можат подобро да ги искористат и да се реализираат практично“, вели Насковска.
Со оваа програма ќе се субвенционираат младите лица во времетраење од три месеци во износ од 13 илјади денари бруто плата на месечна основа.

За какви мерки станува збор? Освен обуки за младите како и финансиска поддршка за основање на сопствен бизнис, тука се и мерките за субвенционирање при вработувањето. Овогодишната програма „Прва шанса“ предвидува три месеци субвенционирано вработување и шест месеци обврска на работодавачот да го задржи лицето на работното место, објаснува Виолета Димитриевска од Министерството за труд и социјална политика.

„Со тоа што приоритет ќе имаат невработените лица што завршиле практична настава кај соодветниот работодавач и, како што реков, со оваа програма ќе се субвенционираат младите лица во времетраење од три месеци во износ од 13 илјади денари бруто плата на месечна основа“, вели Димитриевска.

Клучен термин за објаснување во случајов е бруто платата. Тоа е вкупниот износ на пари кој работодавецот ги издвојува за работникот. Од бруто платата од 13.000 денари се одбиваат трошоци за придонеси и персонален данок за државата, по што се добива нето плата во износ од 9,269 денари, износ кој останува за работникот. Трошоците за храна и превоз веќе не се обврска на компаниите. Месечна карта за автобус за возрасни лица чини 1,050 денари. Фирмата може да обезбеди храна за работникот во сопствена менза во износ од 20 проценти од месечната просечна плата или поточно 4,224 денари месечно. За оваа пресметка е земен податокот од државниот завод за статистика за просечната месечна плата во Македонија. Ако нема менза, нема обврска за хранење на вработени со што трошокот паѓа на работникот, бидејќи логично е да се заклучи дека работникот мора да стигне и да се врати од работа и да јаде во текот на смената. На крај, од бруто платата од 13.000 денари, после придонеси, персонален данок и расходи за храна и превоз, на младиот субвенциониран работник би му останале 3.995 денари расположлив приход или околу од 65 евра. Останува младите да одредат дали ова примање е поисплатливо од нивниот месечен износ за социјална помош.

Покрај ова, стопанствениците се жалеа на зголемен притисок од државата во форма на високи казни и нови давачки. Тоа веќе нема да биде проблем при новите вработувања, вели претставникот од приватниот сектор Ненад Драшевиќ

„Јас мислам дека досега можеби и беше така, ама од сега натаму мислам дека тоа нема да има големо влијание и мислам дека ние, конкретно зборувам за кај мене, дека ќе успеваме да вработуваме сè повеќе млади, затоа што ни треба повеќе млад кадар, да нема одлив, затоа што, според последните бројки, колку што знам, има околу 400 илјади одлив на млади, паметни луѓе коишто заминале од државата. Подобро е тие да останат тука кај нас и колку може ќе се обидеме и се надевам дека ќе успееме да ги вработиме“, вели Драшевиќ.

Според последните статистики кои се објавуваат во медиумите, половина од младите до 25-годишна возраст во Македонија се водат како невработени.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG