Достапни линкови

Генерал Котески на средби во САД за продолжување на партнерството


Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котески вчера во Вашингтон имаше средба со началникот на Здружениот Генералштаб на САД генералот Мајкл Демпси. По средбата, генерал Котески изјави дека разговарале за македонските напори за надминување на спорот за името со Грција, кои стојат на патот кон членството на Македонија во НАТО и за активностите во Авганистан по 2014 година.
- Заклучивме дека соработката меѓу Армијата на Република Македонија и Армијата на САД е на одлично ниво и ова стратегиско партнерство ќе продолжи и понатаму.
За време на престојот во Вашингтон, Котески имаше средба и со заменикот помошник државен секретар Филип Рикер и со заменикот помошник секретар за одбрана за Евроазија Евелин Фаркас. Генерал Котески во Пентагон се сретна и со командантот на воздухопловната национална гарда на САД генералот Стенли Кларк, а во Институтот Мекејн имаше средба со поранешниот амбасадор на САД во НАТО Курт Волкер. По средбите, тој изјави дека двете земји ја реафирмирале посветеноста на одржување на стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија. Генералот Котески подвлече дека американската воена поддршка на опременоста на армијата на Македонија останува непроменета, на постоечкото ниво од околу шест милиони долари годишно.
XS
SM
MD
LG