Достапни линкови

logo-print

Иран се пресметува со „неподобните“ новинари


Иранското Министерство за разузнавање обвини десетина новинари што беа уапсени викендов дека се членови на „една од најголемите медиумски мрежи“ поврзани со Западот.

Министерството тврди дека мрежата ја води Би-Би-Си заедно со неколку западни влади. Би-Би-Си соопшти дека обвинувањата се неосновани. Се чини дека апсењето на 14 новинари од неколку реформистички весници и агенции е дел од кампањата на заплашување во пресрет на претседателските избори од 14 јуни.

Во соопштението од Министерството за разузнавање се наведува дека во текот на истрагата може да бидат уапсени или повикани на разговор повеќе новинари. Исто така се наведува дека некои од уапсените може да бидат ослободени зашто „веројатно не биле свесни за врските со странство“.

Организациите за човекови права ги критикуваа апсењата. Во меѓувреме, и новинарите од иранскиот сервис на Радио Слободна Европа, како и нивните колеги од Би-Би-Си и други медиуми, се мета на софистицирани интернет напади. Им се отвораат лажни Фејсбук профили и блогови на кои се постираат скандалозни информации за да ги дискредитираат. Хакирана е и Фејсбук страницата на иранскиот сервис на РСЕ.

Според в.д. директорот на Радио Слободна Европа Кевин Клоуз, нападите врз новинарите од иранскиот сервис се незаконски и покажуваат до каде може да оди иранскиот режим за да спречи слободен и независен печат.
XS
SM
MD
LG