Достапни линкови

logo-print

Собранието ја злоупотребило анкетата на ИДСЦС


Институтот за демократија „Societas Civilis“ – Скопје( (ИДСЦС) реагира на тоа што Собранието јавно ги соопшти резултатите од последната анкета за работата на Собранието, поточно на прашањата кои се однесуваат на настаните од 24 декември. ИДСЦС соопштува дека во пресрет на анкетата која традиционално се спроведува на почетокот на годината, добиле барање за воведување на две дополнителни „контролни“ прашања за настаните од 24 декември 2012 година.

„Беше кажано дека резултатите од овие две прашања, кои инаку отстапуваат од воспоставениот прашалник што се користи секоја година, ќе послужат единствено за „интерни потреби“. ИДСЦС имаше методолошки и содржински забелешки за формулацијата на тие две дополнителни прашања. Сепак, по барање на корисникот, а во согласност од нарачателот, беше прифатено тие да бидат додадени на овогодинешниот прашалник, пред сè во име на претходната коректна соработка, но и џентлменски договор дека деталите околу презентирањето на резултатите од анкетата ќе бидат дополнително договорени“, се наведува во соопштението од ИДСЦС.

ИДСЦС реагира и дека форматот на презентација на резултатите од истражувањето, со последниот брифинг за новинари, отстапува од воспоставената пракса од претходните години, кога се одржуваше јавна прес-конференција во Собранието, со присуство на претставници од ИДСЦС и Вестминстер Фондацијата за Демократија, која финансиски го поддржува истражувањето.

Собранието соопшти дека дури 72 отсто од граѓаните одговориле со „да“ на прашањето „Ако пратениците не го почитуваат редот во Собранието, дали да се отстранат?“ На второто прашање „Дали да се почитува редот и покрај заострените односи?“, позитивно одговориле 94 отсто од анкетираните.
XS
SM
MD
LG