Достапни линкови

Интензивни напори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас


Aмериканскиот државен секретар Хилари Клинтон.

Aмериканскиот државен секретар Хилари Клинтон.

Напорите да се обезбеди прекин на огнот меѓу Израел и Хамас се интензивираа откако американскиот државен секретар Хилари Клинтон пристигна во регионот. Таа изјави дека е од суштинско значење да „деескалира“ конфликтот меѓу Израел и Хамас во Газа. Клинтон рече дека пристигнува во Ерусалим со јасна порака од претседателот Барак Обама за цврста и непоколеблива поддршка на правото на Израел да се брани. Таа повика на запирање на ракетните напади против Израел. Клинтон најави дека ќе работи со сите страни во регионот, вклучително и со египетскиот претседател Мохамед Морси со кого треба да се сретне денеска во Каиро, на обезбедување траен прекин на огнот, гарантирајќи безбедност на жителите во јужен Израел и квалитет на живот на оние во Појасот Газа.

Израелската армија соопшти дека еден војник и еден цивил биле убиени вчера во ракетните напади од Појасот Газа. Двајцата загинале во близина на границата меѓу Израел и Газа. Во меѓувреме, портпаролот на израелската влада Марк Регав изјави дека објавувањето дека претстои прекин на огнот во Хамас е избрзано. Тој рече дека израелските воени операции во Газа ќе продолжат паралелно со дипломатските напори. Портпаролот на Хамас претходно изјави дека милитантите од Газа и Израел, со посредство на Египет, се согласиле на примирје што требаше да почне синоќа во 23 часот. Најмалку 120 Палестинци и петмина Израелци биле убиени изминатава недела.
XS
SM
MD
LG