Достапни линкови

Вести

Иванов: сакам да верувам дека ќе почнеме преговори со ЕУ

претседателот Ѓорге Иванов .
претседателот Ѓорге Иванов .
„Желбата на балканските народи за европска иднина придонесе за смирување на Балканот во изминатата деценија.“ Ова го оцени претседателот Ѓорге Иванов во денешното обраќање на конференцијата „Напуштајќи ја чекалната на Европа, надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“, која се одржа во Грац, Австрија. „Сакам да верувам дека во наредниот период Македонија ќе може да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Во овој процес, не сакаме привилегии, туку истите критериуми како и за другите земји на Унијата“ додаде Иванов.

види ги сите денешни вести

ДИК апелира избирачките одбори да го почитуваат упатството за гласање

илустрација
илустрација

Државната избрна комисија (ДИК) ги опомена членовите на гласачките одбори задолжително да ги прашуваат гласачите дали ќе гласаат за претседателски или за парламентарни избори и тоа да го прават кон секој избирач. Ова следува откако од терен добиле информации дека членови на избирачките одбори не го почитуваат упатството за гласање на ДИК.

„Секој член на избирачки одбор ако не ги почитува законските одредби и го попречува гласањето ќе се казни со затвор до 3 години. Апелираме до сите членови на избирачките органи да се држат до законските одредби. Имавме пријави од неколку општини, па затоа го упатуваме овој апел и се надеваме дека избирачките органи нема да ги повторат истите грешки“, изјави потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху на вонредна прес-конференција.

Таа додаде дека гласањето тече како што треба и дека не се забележани никакви прекршувања на изборниот процес.

Инаку излезноста на претседателските избори до 13 часот часот изнесува 22, 63 отсто, а за парламентарните 25,64 проценти.

Продолжуваат протестите во Грузија против законот за „странски агенти“

Детаљ од протестот против нацрт-законот за „странски агенти“ во близина на зградата на парламентот во Тбилиси, Грузија, на 7 мај 2024 година.
Детаљ од протестот против нацрт-законот за „странски агенти“ во близина на зградата на парламентот во Тбилиси, Грузија, на 7 мај 2024 година.

Во Тбилиси повторно се одржаа протести против таканаречениот закон за „странски агенти“, кој го чека конечното читање во грузискиот парламент.

Демонстрациите вчера на 7 мај започнаа пред зградата на парламентот, по што насобраните се упатија кон седиштето на владејачката партија „Грузиски сон“, каде беа пречекани од полициски кордон.

Немаше какви било новинарски извештаи за насилство, јавува РСЕ на англиски јазик.

Откако грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за „странски агенти“ на второ читање, десетици илјади демонстранти излегоа на улиците на Тбилиси. Десетици од нив беа приведени или повредени за време на протестот.

Демонстрантите тврдеа дека, покрај водени топови и солзавец, полицијата употребила и гумени куршуми на претходните протести.

Радио Слободна Европа собра изјави од очевидци, фотографски докази за повредите, ги интервјуираше тројцата повредени и ги сними гумените куршуми на местото каде што наводно биле испукани. Грузиската влада негираше дека биле користени гумени куршуми.

Еден од организаторите на последниот протест, Звиад Цецхладзе, рече дека противниците на законот создале група која ќе се обиде финансиски да ги поддржи лицата кои биле отпуштени од работните места во јавните служби поради нивното противење на законот.

Репресијата во Тбилиси генерално се намали по православниот Велигден, иако помалите протести продолжија и се проширија во значителен број во другите градови.

Контроверзниот предлог-закон вели дека медиумите, невладините и другите непрофитни организации мора да се регистрираат дека „ги застапуваат интересите на странска сила“ доколку повеќе од 20 отсто од нивното финансирање доаѓа од странство.

Нацртот првично беше испратен до парламентот во февруари 2023 година, но беше повлечен следниот месец поради бранот протести и притисокот од западните земји.

По ревизијата, предлог-законот го замени терминот „агент на странско влијание“ со „организација која ги промовира интересите на странска сила“, додека останатата содржина на законот остана иста.

Владата инсистира дека законот ќе биде во согласност со стандардите на ЕУ и дека нејзината намера е само да ја зголеми „транспарентноста“ и да го спречи „штетното странско влијание“ на политичката сцена во земјата.

Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:48 0:00

Се очекува третото и последно читање на законот во парламентот да се одржи до 13 мај.

Наводно, партијата Грузиски сон и нивните партнери контролираат доволно гласови за да го спроведат законот и потенцијално да го отфрлат ветото што го вети претседателот на земјата, Саломе Зурабичвили.

Лидерите на Европската Унија се на став дека спроведувањето на законот негативно ќе влијае на надежите на Грузија конечно да стане членка на ЕУ, а осуда стигна и од САД.

Минатогодишните анкети покажуваат дека речиси 90 отсто од грузиските граѓани го поддржуваат влезот на земјата во ЕУ.

Централната изборна комисија распиша локални избори во Босна и Херцеговина

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК), мај 2022 година.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК), мај 2022 година.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Босна и Херцеговина (БиХ) денеска, на 8 мај, распиша локални избори, кои ќе се одржат на 6 октомври.

Распишани се избори за 58 општински совети во ентитетот на Федерацијата БиХ, 53 општински собранија во ентитетот Република Српска (РС), 111 градоначалници на општините во БиХ, 21 градски совет во Федерацијата БиХ, десет градски собранија во РС, 32 градоначалници во БиХ и во собранискиот округ Брчко, стои во соопштението од денешната седница на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина,

Изборите ќе се одржат во согласност со техничките измени на Изборниот закон, кои на 26 март ги наметна високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, со цел да се намали можноста за изборни манипулации, кои беа евидентирани во претходните години.

Со измените се воведе построга, биометриска идентификација на гласачите, „за да може да гласаат само оние кои имаат право на глас на изборите и да гласаат само еднаш“.

Една од измените е скенирањето на сите гласачки ливчиња со цел да се спречи нивно последователно менување или кражба, објасни тогаш Канцеларијата на високиот претставник (ОХР).

Во меѓувреме, Собранието на РС го усвои предлогот на ентитетскиот изборен закон, со кој властите на тој ентитет во БиХ се обидуваат да ги присвојат државните надлежности на полето на изборите.

Во законскиот текст е дефинирано дека ентитетската изборна комисија ја презема правната улога на Државната централна изборна комисија на БиХ во организирањето на локалните избори во тој ентитет, но и општи избори за претседател и потпретседатели на РС и ентитетскиот парламент.

Од крајот на војната во 1995 година, ентитетите во БиХ никогаш немале јурисдикција за спроведување на изборите во земјата, ниту пак ентитетската јурисдикција над изборите е спомната во Уставот на БиХ.

Претставниците на меѓународната заедница работата на усвојувањето на тој закон ја оценија како „директен напад врз државната структура на БиХ“.

Потоа, на 29 април, Бошњачкиот клуб во Народниот совет на Република Српска побара заштита на виталниот национален интерес, кој се обиде да го спречи усвојувањето на ентитетскиот изборен закон во РС.

Виталниот национален интерес е механизам кој им дава можност на клубовите на Бошњаците, Хрватите и Србите да го прогласат секое прашање за „штетно за виталните интереси на луѓето што ги претставуваат“, како и да побараат заштита од Уставниот суд на РС.

Инаку, Владата на РС побара од членовите на Републичката изборна комисија да поднесат оставки, што пет од седумте членови на овој субјект го направија на 11 април.

Таа ентитетска комисија е одговорна за постапките за импичмент на градоначалници и општински раководители и за спроведување на избори на совети на месни заедници во градовите и општините.

До 13 часот на претседателските избори гласале 22, 63 отсто, а на парламентарните 25,64 

Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК)
Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК)

Излезноста на претседателските избори до 13 часот часот е 22, 63 отсто, а за парламентарните 25,64 проценти, покажуваат последните податоци на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Најголем одзив на гласачите за претседателските избори има во општините Кривогаштани (48,65%) и Крива Паланка (46, 44%), а најмала излезност е регистрирана во Боговиње (5, 17 %) и Врашпчиште (5,38%).

Според мапата на ДИК во однос на парламентарните избори, најмала е излезноста во Изборната единица 6 (18,87%), а најголема во Изборната единица 3 (29,79%).

На претходната прес конференција, претседателот на ДИК, Александар Даштевски соопшти дека сите гласачки места се отворени навреме и дека гласањето се одвива мирно и без проблеми. Што се однесува до гласачките места на кои биле регистрирани технички проблеми, Даштевски рече дека со одлука на ДИК , на три места гласањето се одвива со спреј и УВ-ламба.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и единаесетти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

ЈО: Гласањето се одвива мирно, без поголеми нарушувања на изборниот процес

Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности.
Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални изборни нерегуларности.

Денешниот изборен ден до овој момент генерално поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, изјави денеска на 8 мај јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија на Јавното обвинителство (ЈО) за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето, како и други изборни нерегуларности.

Од почетокот на гласањето утрово, рече тој, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса за изборни нерегуларности, не биле пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.

Бајрами зборуваше за нерегуларности во текот на вчерашниот ден, за кои, како што рече, Основното јавно обвинителство Велес оформило предмет против две лица по пријава на Секторот за внатрешни работи.

„При претресот кај едното лице е пројадено поголемо количество оружје, додека кај другиот е пронајдено едно парче оружје. За лицето кај кое е пронајдено поголемо количество оружје, на предлог на јавниот обвинител, Основниот суд Велес веќе има изречено мерка притвор, додека за другото лице постапката ќе биде редовна и наводите за евентуален поткуп при избори дополнително ќе се проверуваат од страна на Јавното обвинителство. Доколку се обезбедат докази, секако дека ќе следува обвинение и за тоа кривично дело“, истакна Бајрами.

Обвинителот објасно дека имало известувања за сомнение за поткуп на гласачи во Охрид и Крива Паланка, меѓутоа до овој момент, информираше дека за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства и доколку биде поднесена кривична пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија за проверки на наводите во пријавите.

„Во овој момент станува збор за мал број настани кои би можеле, евентуално, да имаат обележја на кривично дело, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување“, истакна Бајрами.

Тој додаде и дека привремената комисија на Јавното обвинителство продолжува да го следи текот на гласањето и е отворена мејл адресата за евентуални пријави за сомненија за кривично дело што може да го наруши изборниот процес.

Во сите основни јавни обвинителства денеска се организирани вонредни дежурства и оваа Комисија се координира и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.

МВР: Гласањето генерално мирно, не се регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски

Министерството за внатрешни работи досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето кое генерално се одвива мирно и без проблеми, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави Ангеловски.

Тој упати апел до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето, да се воздржат од инциденти.

Додава дека доколку има какво било нарушување на изборниот процес, граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112, или да пријават во најблиската полициска станица.

Карго авион принудно слета на аеродромот во Истанбул

Товарен авион Боинг 763 денеска принудно слета на аеродромот во Истанбул, по дефект на опремата за слетување, јавија државните медиуми.

Екипажот е безбедно евакуиран, јави државната телевизија ТРТ, пренесува ДПА.

Авионот, во сопственост на американската компанија за испорака Федекс, бил на пат од Париз.

Неговата опрема за слетување на „носот“ претрпела дефект додека се приближувал кон Истанбул.

Контролната кула била информирана и биле преземени неопходните мерки на претпазливост пред авионот да слета, соопшти ТРТ, повикувајќи се на Министерството за транспорт.

ТРТ објави снимка на која се гледа како авионот слетува на „нос“ на пистата.

ОБСЕ/ОДИХР: Заклучоците за изборниот ден ќе ги соопштиме на 9 мај

Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Северна Македонија, 8 мај 2024 година
Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Северна Македонија, 8 мај 2024 година

Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија, изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.

Првичните резултати од набљудувањето мисијата ќе ги соопшти утре (9 мај).

Претставничката на ОДИХР со нејзиниот тим е во Скопје од 20 март и, како што рече, имаат и долгорочни набљудувачи распоредени низ целата земја на девет различни локации следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава за следење на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори.

Кремљ не го коментира украинското тврдење за заговор за убиство на Зеленски

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ не ги коментираше украинските тврдења за приведени руски агенти во Украина кои планирале да го убијат шефот на украинската држава, Володимир Зеленски, но портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека е малку веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Украинската служба за безбедност вчера (7 мај) соопшти дека фатила двајца агенти, кои работеле за Русија, за планирање убиство на Зеленски и други високи политичари како „подарок“ на рускиот претседател Владимир Путин за неговата инаугурација.

Песков, истовремено, одби да даде коментар и за тоа дали руската војска користи ракети произведени во Северна Кореја, како и за украинските тврдења дека ги испитува остатоците од таквите проектили. Тој изјави дека работата е воена, па затоа не може да зборува за тоа, пренесуваат руските медиуми.

На прашањето дали Русија пренесува преработена нафта во Северна Кореја со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Песков кажа дека Кремљ го цени својот однос со Пјонгјанг.

„Имаме намера да ги развиеме во сите можни области“, рече тој, додавајќи дека Северна Кореја „е наш добар и многу перспективен партнер“.

Британските медиуми вчера цитираа неименуван извор од американската Влада дека руските пратки на преработена нафта го донеле севернокорејскиот увоз „над границата на Советот за безбедност од 500 000 барели годишно“.

Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69

Прес конференција на Државната изборна комисија
Прес конференција на Државната изборна комисија

Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.

„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме зголемување на излезноста за 2, 69 проценти“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а мала во западните делови.

Мирно изборно утро во скопските општини Карпош и Центар
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Од Дик велат дека сите гласачки места биле отворени навреме, а во врска со гласачките места кои имаа технички проблеми, Даштевски соопшти дека на три од нив (во Кочани, Охрид и Куманово), гласањето сè уште се одвива со УБ-ламба и спреј. На другите гласачки места проблемите биле решени и гласањето се одвива непречено.

Досега се поднесени 164 приговори поврзани со заштита на избирачкото право. Од нив ДИК прифатила 50 приговори, 7 се отфрлени како неосновани, а 9 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG