Достапни линкови

Баку: Европа пее, властите апсат опозиционери


Од една страна гламур, забава, спектакл, а од друга кршење на човекови права, апсења на опозиционерите кои сакаа да укажат на вистинската слика за Азербејџан.

Во Баку, Азербејџан, вечер е финалето на музичкиот фестивал Евросонг. Манифестација, која годинава е проследена со протести на опозицијата за поголеми човекови права во земјата.

26 изведувачи од исто толку земји ќе настапат на денешната финална вечер, меѓу кои и Калиопи од Македонија. Евросонгот, вообичаено го следат и околу 100 милиони телевизиски гледачи во светот.
Опозициониот лидер приведен во полиција. Баку 26.05.2012
Опозициониот лидер приведен во полиција. Баку 26.05.2012
Но, во сенка на музичката манифестација, опозицијата во Азербејџан се обидува да го сврти вниманието на меѓународната заедница на кршењето на човековите права во таа земја. Вчера, полицијата уапсила десетици опозициони активисти во Баку, а властите во Азербејџан се обидуваат да ја прикажат нивната држава како модерна и просперитетна, а за тоа потрошија стотици милиони долари, пред се, за разубавување на Баку.

Лидерот на азербејџанската опозиција, Али Керимли, изјави дека властите не направиле ништо за демократизација на земјата и покрај актуелното големо присуство на странски медиуми. Тој денеска бил повикан во полициска станица во Баку.

Организациите за човекови права, вклучувајки ги и Амнести Интернешнел, редовно го критикуваат Азербејџан за непочитување на слободата на медиумите, слободата на говорот, за полициска тортура и за санкции против опозиционерите. Според нив, дури и за време на одржувањето на Евровизијата, властите во Баку
продолжуваат со сериозно кршење на човековите права.

Владата во Баку ги отфрла сите обвинувања, оценувајки ги како неосновани. Но, Амнести наведува дека секој оној што го критикува азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, се соочува со санкции, а тоа е случај дури кога во Азербејџан има присуство на странски медиуми деновиве, за време на одржувањето на Евросонгот.
XS
SM
MD
LG