Достапни линкови

Вести

Јужна Кореја стартуваше со воените вежби

Јужнокорејски и американски воени трупи денеска ги започнаа своите годишни воени вежби и покрај предупредувањата на Северна Кореја. Јужна Кореја и САД велат дека вежбите имаат цел да се подготват војниците за одговор на потенцијална вонредна сосотојба на корејскиот полусотров. Вчера Северна Кореја соопшти дека вежбите претставуваат опасeн заговор за соборување на северникорејската влада.

види ги сите денешни вести

Скопјанец доби кривична за пожарот на мостот „Беласица“ во мај лани

По пожарот, мостот во центарот на Скопје неколку месеци беше затворен за сообраќај (фотоархива)
По пожарот, мостот во центарот на Скопје неколку месеци беше затворен за сообраќај (фотоархива)

Маж од Скопје доби кривична пријава како осомничен за пожарот на мостот „Беласица“ во Скопје што се случи во мај минатата година.

Пријавата до скопското Основно јавно обвинителство ја поднесе Единицата за насилен криминал при скопската полиција и се однесува на делото „тешки дела против општата сигурност“, а поврзано со кривичното дело „предизвикување општа опасност“.

Осомничениот 37-годишен скопјанец од септември 2023 година веќе се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за „тешка кражба“.

„По преземени мерки, подигнати докази, извршени вештачења и разговори со повеќе лица било утврдено дека на 11.05.2023 под мостот ’Беласица‘, пријавениот предизвикал пожар на таканаречената просторија за компензација на топловод. Пожарот се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ-Снабдување со топлина, при што се предизвикани топлински оштетувања на наведениот топловод, како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

По пожарот во мај 2023, мораше да се санира топлификациската мрежа за дел од скопјани да може да добијат парно во пресрет на грејната сезона што започна во октомври лани.

Исто така, неколку месеци мостот не беше во употреба што предизвика сообраќаен метеж во тој дел од градот со оглед дека „Беласица“ е дел од една од клучните сообраќајници во Скопје.

Две ленти од мостот беа пуштени за сообраќај во септември 2023, а од почетокот на месецов тој е целосно во употреба.

Тројца загинати и 11 ранети во руски напад во Украина

По рускиот напад, пожарникари гаснеа пожар што ги зафати куќите во Харков, 10 мај 2024 г.
По рускиот напад, пожарникари гаснеа пожар што ги зафати куќите во Харков, 10 мај 2024 г.

Тројца цивили загинаа, а 11 се ранети во новото руско гранатирање на четири украински региони, информираа властите.

Во регионот Харкив едно лице загина, а друго е рането во градот Купјанск во овој регион. Информацијата ја објави регионалниот гувернер, Олех Синехубов, додавајќи дека во нападот биле погодени 21 населба во овој регион.

Две лица загинале и во Никопол, а осум се ранети и во регионот Днепропетровск, потврди гувернерот на овој регион, Серхеј Лисак.

Во Доњецк, пак, како што посочи тамошниот гувернер Вадим Филашкин, рането е едно лице.

Исто така, еден ранет има и во регионот Херсон, изјави гувернерот Олександр Прокудин.

Москва негира дека цели на цивили во, како што вели, легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина, објави Ројтерс.

Украина ги очекува првите Ф-16 авиони во јуни и јули

Украински пилоти се сликаат на авион Су-25 од руско производство во база во источна Украина на 4 мај 2023 година
Украински пилоти се сликаат на авион Су-25 од руско производство во база во источна Украина на 4 мај 2023 година

Киев очекува своите први борбени авиони Ф-16 да бидат испорачани во јуни и јули, изјави во петокот висок украински воен извор за Ројтерс.

Украина побара борбени авиони Ф-16 од американско производство за да помогне да се спротивстави на руската воздушна супериорност за време на повеќе од две години војна.

Изворот не кажа која земја ќе ги испорача авионите. Рускиот претседател Владимир Путин на крајот на март изјави дека нема планови за ниту една земја на НАТО и дека нема да ја нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но руските сили ќе ги соборат авионите Ф-16 доколку Западот ги достави до Киев.

Тој оцени дека ваквите авиони нема да ја променат ситуацијата на бојното поле и изјави дека сега уништуваат западни тенкови, оклопни возила и друга опрема.

„Се разбира, ако се користат од аеродроми во трети земји, тие стануваат легитимни цели за нас, каде и да се“, рече Путин.

Античка црква во Турција претворена од музеј во џамија

Верник држи турско знаме за време на молитвата во музејот Хора или џамијата Карија во Истанбул, Турција
Верник држи турско знаме за време на молитвата во музејот Хора или џамијата Карија во Истанбул, Турција

Турција ја отвори античката црква Хора, една од најпознатите византиски градби во Истанбул за муслиманските верници, откако беше користена како музеј повеќе од 70 години, што ја прави втора таква голема преобразба под претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган, лидер на партија со исламистички корени, ја претвори светски познатата Аја Софија во Истанбул од музеј во џамија во 2020 година на церемонија на која присуствуваа десетици илјади луѓе, пишува Ројтерс.

Овој потег беше критикуван од црковните водачи и некои западни земји, велејќи дека повторното преобраќање на Света Софија ќе ризикува продлабочување на верските поделби.

Ердоган рече дека ова е мешање во суверените права и дека е решен да ги заштити правата на муслиманите.

Оригиналната црква Хора или Карија датира од 4 век, а Османлиите ја претвориле во џамија. Во 1945 година стана музеј, а во 2020 година Ердоган потпиша наредба да се претвори во џамија. По реконструкцијата беше повторно отворена.

Надворешните сали се зачувани како музеј, а посетителите можеа слободно да ги погледнат ценетите мозаици кои се посипани на таванот. Завесите ги сокриле мозаиците во молитвениот простор на зградата, во согласност со муслиманската традиција.

Луѓе ги креваа ќебињата за да ги погледнат мозаиците на Исус и Марија со бебето Исус.

Ферди Сајмон, британски турист, рече дека би сакал зградата да остане музеј за луѓето да ги видат нејзините мозаици и фрески.

„Се чини дека тоа е политички гамбит“, рече Сајмон.

„Малку е срамота да се видат побожни жени кои дојдоа овде да се молат и им беше кажано дека не можат да влезат во главниот простор“, додаде тој, мислејќи на фактот дека главниот молитвен простор е резервиран за мажи, како и во сите џамии.

Угур Гокгоз, Турчин кој дошол да се моли, рече дека право на турскиот народ е Хора да ја користи како џамија, додавајќи дека артефактите во музејот се зачувани.

„Имаше мал дел резервиран за молитва. Не срушија се за да претворат во џамија“, рече тој.

На тоа место црквата првпат била изградена во четвртиот век, но поголемиот дел од постојната градба потекнува од црквата од 11 век, која делумно била обновена 200 години по земјотресот.

Црквата Свети Спас во Хора, изградена во близина на античките градски ѕидини на тогашниот Константинопол, содржи мозаици и фрески од 14 век кои прикажуваат сцени од библиски сцени.

ЕУ: Поради недостаток на дијалог, Србија и Косово со ризик да останат без пари од Планот за раст

Знамето на ЕУ
Знамето на ЕУ

Србија и Косово треба конструктивно да се вклучат во нормализирање на нивните односи за да добијат право на финансирање од Планот за раст на Европската унија, кој неодамна беше усвоен.

„Нормализацијата на односите е суштински услов на европскиот пат за двете страни. И Србија и Косово ризикуваат да изгубат важна можност во отсуство на напредок“, соопштија од прес-службата на Европската комисија.

Во писмената реакција од прес-службата на оваа институција, се потврдува дека без оглед на основните критериуми што секоја земја треба да ги исполни за да има право да добива средства од европската помош, Косово и Србија треба конструктивно да се ангажираат во нормализацијата на нивните односи.

Тоа подразбира, како што се наведува, целосно спроведување на сите обврски кои произлегуваат од Договорот за патеката на нормализација и од Анексот за имплементација, како и сите претходни договори за дијалог, како и вклучување во преговорите за сеопфатниот договор за нормализација на односите.

Планот за раст е досега најамбициозниот финансиски пакет на ЕУ за земјите од Западен Балкан. Се состои од шест милијарди евра, од кои две милијарди ќе бидат доделени во форма на грантови, а останатите четири милијарди во форма на заеми со многу поволна каматна стапка. Тој беше претставен во ноември 2023 година, а официјално беше усвоен минатата недела.

Како што објаснуваат претставници на Европската комисија, за да има корист од овој инструмент, секоја земја-корисничка ќе треба да подготви реформска агенда, која ќе биде консултирана, евалуирана и одобрена од Комисијата и доколку е потребно од земјите-членки на ЕУ.

Плаќањата според Планот подлежат на строги услови. Во рамките на овој фонд тоа ќе важи и за социо-економските реформи.

Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро ќе ја признаат палестинската независност

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел

Шпанија, Малта, Ирска и Словенија наскоро официјално ќе ја признаат државата Палестина, што би можело да ги поттикне и другите земји од ЕУ да го сторат истото, изјави денеска високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Тој потврди дека добил гаранции од шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес дека Мадрид официјално ќе ја признае Палестина на 21 мај.

Борел рече дека Белгија сега нема да ја признае „независна Палестина“, но оти Брисел „не ја исклучува“ таа можност во иднина, пренесува шпанска РТВЕ.

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, вчера изјави дека словенечката влада ја почнала процедурата за „признавање на независна, суверена држава Палестина“.

Фајон објасни дека одлуката на словенечката влада се заснова на „границите меѓу Израел и Палестина од 1967 година, што значи дека територијата на Палестина би ги опфаќала Појасот Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим“.

Војната во Појасот Газа почна кога Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство, извршија невиден напад врз Израел на 7 октомври, при што загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа повеќе од 34 900 луѓе - две третини од нив жени и деца и рани повеќе од 78 500, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Џафери: Дали ќе одам во опозиција зависи од исходот на преговорите за Влада

Tехничкиот премиер Талат Џафери
Tехничкиот премиер Талат Џафери

Спроведовме европски избори во слободни, мир, фер и демократски изборни процеси во двата изборни круга. Со тоа, со право можам да оценам дека придонесовме во европското поведение на земјата, која што стреми да биде членка на ЕУ, порача на денешната прес-конференција техничкиот премиер Талат Џафери.

Тој на прес-конференцијата на којашто се осврна на работата на Владата во изминатите 100 дена, посочи дека овие избори ќе се спомнуваат по тоа како може и како треба да се работи во интерес на граѓаните и државата.

„Се обврзав пред граѓаните дека ќе овозможиме слободно изразување на граѓанската волја на претседателските и парламентарни избори. Ова е обврска доверена согласно Уставот и законите и јас како премиер и Владата доследно ја исполнивме. Потврда на моите зборови се и честитиките и изразите на почит на нашите европски партнери. Ако по нешто се оценуваат европските и демократските капацитети на една власт, тогаш тоа се изборите“, рече Џафери.

Според Џафери, сега треба и мора да се продолжи по европскиот пат, со преточување на граѓанската волја во новата извршна власт.

Тој немаше конкретен одговор на прашањето дали е подготвен да замине во опозиција со оглед на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција.

„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.

На парламентарните избори на 8 мај коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ освои 19 мандати, а нивниот ривал во албанскиот блок, коалицијата ВЛЕН доби 13 мандати.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 58 мандати во Собранието, по изборите кажа дека ќе преговараат со ВЛЕН за состав на новата Влада.

Пленковиќ доби мандат за формирање влада на Хрватска

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го прими премиерот и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, кој му ги донесе потписите на претставниците во хрватскиот Сабор како дел од постапката за доделување мандат за формирање нова Влада.

„По поднесувањето на 78 потписи на избраните пратеници во единаесеттиот состав на хрватскиот Сабор, ми беше доверен мандатот за формирање на хрватската влада. А во третиот мандат продолжуваме да работиме за подобрување на Хрватска“, напиша Андреј Пленковиќ на мрежата X.

Ден претходно, Пленковиќ објави дека ги има потребните 76 потписи за формирање на третата влада, а во петок неофицијално беше објавено дека на Пантовчак (место каде што се наоѓа претседателската резиденција) донел 78 од нив, јавува Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

Потписите ги дадоа 61 претставник на ХДЗ, 12 претставници на Татковинското движење и наводно членката на хрватските суверенисти Весна Вучемиловиќ и четворица претставници на националните малцинства.

По предавањето на потписот, Пленковиќ не даде изјави за медиумите.

Кога пристигна во Пантовчак, само накратко им забележа на новинарите:

„Уште сте тука, добро е за демократијата“, најверојатно алудирајќи на тоа дека на првата покана од претседателскиот кабинет не биле поканети медиумите и дека набрзо следеше и втората покана, на која сепак беа поканети медиумите.

Ниту претседателот на Републиката не даде изјави по предавањето на потписите.

Милановиќ донесе одлука првата седница на хрватскиот Сабор да се свика за в четврток на 16 мај.

Пратениците во хрватскиот Сабор беа избрани на парламентарните избори на 17 мај, а претседателот на Врховниот суд и на Државната изборна комисија Радован Доброниќ на 29 мај му ги достави конечните изборни резултати на претседателот Милановиќ.

Папата ги повика владите да се справат со демографската криза

Папата Франциск
Папата Франциск

Владите мора да спроведат „сериозни и ефективни“ про-семејни политики за да се справат со проблемите со падот на наталитетот и стареењето на населението, рече во петок (10 мај) поглаварот на Римокатоличката црква, повикувајќи ги младите да имаат доверба во иднината.

Папата Франциск, говорејќи на конференцијата за растечката демографска криза, рече дека бројот на раѓања е првиот показател за „надежта на народот“ и дека Европа се повеќе се претвора во „стар, уморен и резигниран“ континент, пишува Ројтерс.

„Итно се потребни ефективни политики, смели, конкретни и долгорочни избори... Потребна е поголема посветеност на сите влади за да ги стават младите генерации во позиција да ги остварат своите легитимни соништа“, рече тој.

Во последните десет години, стапката на фертилитет во Европа изнесуваше 1,5 родени деца по жена. Тоа е над најниското ниво регистрирано во Источна Азија, но далеку под 2,1 потребни за одржување на нивото на населението.

„Постои факт што ми го кажа еден демографски научник. Моментално инвестициите кои носат најголем приход се фабриките за оружје и контрацепцијата. Едната го уништува животот, другата го спречува животот... Каква иднина имаме? Тоа е грдо“, рече Папата.

Во Италија, раѓањата паднаа на рекордно ниско ниво во 2023 година, 15-ти последователен годишен пад, објави националниот институт за статистика ИСТАТ во март.

Последователните влади досега не успеаја да го сменат трендот и покрај постојаните ветувања.

„Домовите се полни со предмети и се празнат од деца, стануваат многу тажни места. Не недостасуваат кучиња и мачки. Нема недостиг од нив. Има недостиг од деца“, рече папата Франциск.

Тој нагласи дека политиките треба да им овозможат на мајките да не треба да избираат помеѓу работа и грижа за децата, а на младите парови да им дадат стабилна работа и можност да купат дом.

Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа

Чад над Рафа по израелските напади, Појасот Газа, 10 мај 2024 година
Чад над Рафа по израелските напади, Појасот Газа, 10 мај 2024 година

Израелските сили во петок (10 мај) ги засилија нападите во Појасот Газа откако двете страни ги напуштија разговорите за постигнување примирје и спречување на израелска офанзива на Рафа без договор.

Како што јави АФП, израелските сили отвориле артилериски оган врз Рафа, на границата со Египет. Очевидци изјавија дека имало и воздушни напади и борби во тој град на југот на Појасот Газа.

Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, испрати порака до другите палестински фракции да ги кажат своите ставови за статусот на индиректните разговори со Израел што се одржаа во средата во Каиро.

Египет апелираше Хамас и Израел да покажат флексибилност со цел што поскоро да постигнат прекин на огнот во борбите.

Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја истакна „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да вложат напори за постигнување договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа“, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.

„Блинкен потврди дека САД се против голема воена операција во Рафа и какво било принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа“, изјави неговиот портпарол Метју Милер.

Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафа и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет, блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток изјави дека Израел е подготвен „сам да оди“ во својата војна во Појасот Газа, откако Вашингтон објави дека ќе престане да испорачува оружје доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG