Достапни линкови

logo-print

Македонија: Политичка и медиумска криза


СДСМ и НСДП го напуштија Собранието поради загрозената демократија. Како доказ ги посочија случувањата во А1 ТВ. Ова е политичка криза, велат експертите.

СДСМ и НСДП го напуштија Собранието. Во Македонија настанува политичка криза, сметаат упатените. Лидерите на двете опозициски партии го наведоа загрозувањето на демократијата како главна причина за нивната одлука а како доказ ги посочија последните случувања со А1 телевизија и три дневни весници.
Лидерот на Социјалдемократите Бранко Црвенковски го даде следново образложение:

Бранко Црвенковски

„Ние од СДСМ немаме повеќе намера да даваме легитимитет на оваа недемократска и ненародна власт. Од денеска СДСМ нема да учествува во работата на Собранието на Република Македонија.“

Лидерот на НСДП Тито Петковски вели дека прв пат се случува власта во Македонија „директно да посегне по една телевизија и три дневни весници“.

„Дефинитивно умира демократијата и се инсталира диктатура. Тоа се основните причини поради кои ние сметаме дека нема никаква смисла нашето понатамошно ангажирање.“

Реакции на власта

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес конференција се наврати тоа како владеела опозицијата додека била на власт, и дополни:

Гордана Јанкуловска

„Ако Црвенковски реши да го напушти Собранието за да го заштити криминалот, нека го направи тоа. Со среќа нека му е. Знае дека со тоа напуштање ќе и наштети на европската иднина на Македонија, ама тој се реши да го стори тоа, затоа што мисли само на себе и нема што да загуби. Нека му е со среќа.“

Од ДУИ најавија официјална реакција откако на оваа тема ќе се дискутира во партијата, која е дел од владеачката коалиција.

Како реагираат аналитичарите?

Овие настани се почеток на политичка криза во Македонија, вели политикологот Здравко Савески.

„Дефинитивно ова значи дека има политичка криза. Секогаш кога главната опозициска партија излегува од парламентот, тоа се смета за политичка криза.“
Дефинитивно ова значи дека има политичка криза.

Собранието и натаму ќе може да функционира и има право да носи одлуки, но спорен ќе биде легитимитетот на истите, објаснува Савески.

„Она што Владата треба да го направи во овој момент е барем, ако не се труди да најде заеднички јазик со опозицијата, тогаш да се воздржи од донесување на суштински одлуки во Парламентот.“

A1 вести од пред Влада

Откако вчера беше блокирана сметката на А1, првата приватна телевизија во земјава во знак на протест ги изгасна рефлекторите во студиjата, а програмата почна да ја емитува од пред зградата на Владата.

Реакции на помали партии

ЛДП во денешното соопштение искажува загриженост од, како што велат, последниот удар врз слободата на медиумите преку обидот за затворање на четири критички настроени медиуми.
ЛДП дава целосна поддршка на професионална и докрај изведена истрага во случајот „Пајажина“, но, силно се противиме на обидот истрагата и процесните постапки врзани со неа, да се искористат како покритие за напад и пресметка со четири критички настроени медиуми, се вели во соопштението.

Демократскиот сојуз ја осуди постапката на СДСМ за напуштање на Собранието на Република Македонија, оценувајќи дека на овој начин партијата врши политички притисок врз судскиот ситем во целина и го загрозува владеењето на правото и правниот систем.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG