Достапни линкови

logo-print

Интервју - Ален Бергант


Се надеваме дека двете страни што побрзо ќе најдат некаков компромис кој не смее да биде на штета на македонската култура, идентитет, народ и се она што е важно за вашата држава.

Амбасадоре, по низата забелешки што Македонија ги доби во последниот извештај на ЕК дали може да кажеме дека Македонија реално е подготвена да биде членка на ЕУ и НАТО?

Директно одговорот на прашањето би бил дека Македонија сеуште не е подготвена да стане членка на ЕУ, но за НАТО е подготвена што беше и заклучок и на последниот самит на НАТО во Лисабон, но што се однесува до НАТО треба да се реши едно чувствително прашање, прашањетo за името во грчко-македонскиот спор. Што се однесува до ЕУ, Македонија оваа година по втор пат доби позитивен извештај од ЕК за напредокот и годинава беше повторена препораката од минатата година, дека Македонија е подготвена да започне со претпристапните преговори што ќе водат кон полноправно членство во ЕУ.

Во споредба со минатогодишниот извештај овој конкретно, беше многу полош. Како вие во таа насока ги оценувате напорите на актуелната влада за спроведување на реформите што од нас ги бара ЕУ?

Јас не би се сложил дека извештајот беше многу полош од минатата година, бидејќи она што е најважно, Македонија повторно доби препорака од ЕК за претпристапните преговори и второ, генерално извештајот беше позитивен. Но, доколу одиме според некои статистики од минатата година бидејќи во извештајот имавме различни оценки, значи ако мериме според она од минатата година, оваа година е навистина малку полоша, но оваа година се се гледа што направила државата од минатата година, кога навистина Македонија направи голем успех напред. И треба да се каже дека Македонија во прва половина од 2010 година не направи некој голем прогрес бидејќи после минатата година кога државата доживе некаков ,,ладен туш" бидејќи Македонија не почна со претпристапните преговори, мислам дека тоа влијаеше на падот на ЕУ ефоријата. На средината на годината повторно се започна со реформите и треба да се знае дека ЕК, ЕУ ја гледа Македонија 365 дена во годината, што значи треба да се работи секој ден и уште сега треба да се започне да се работи за следната година.

Амбасадоре во кои сегменти може да се каже дека најмногу потфрливме?

Јас потполно се согласувам со она што е напишано во извештајот. Значи, имате три, четири, пет подрачја на кои Македонија доби најголеми забелешки. Тоа беше правосудството, потоа реформите во јавната администрација, борба против корупцијата, значи политичкиот дијалог исто така треба да се зајакне помеѓу партиите и исто така зајакнување на бизнис климата. Главно во земјата има висок степен на невработени, што е проблем за Македонија, а исто така проблем е и тоа што нема многу странски инвестиции.

Во јавноста владее едно мислење дека нерешениот спор за името со Грција е единствената кочница на евроатлантскиот пат на Македонија. Дали се согласувате со овој впечаток или пак мислите дека постојат и други пречки коишто не одалечуваат од вратите на ЕУ?

Да, треба да се реши грчко-македонскиот спор тој е најголема и единствена пречка за тоа дали Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ и исто така беше кажано во овогодинешните заклучоци од есенскиот самит дека Советот повторно ќе се врати на прашањето за Македонија за време на наредното претседателство на ЕУ, значи на Унгарија, доколку има некои нови моменти. Се надеваме како пријателска држава на Македонија дека двете страни што побрзо ќе најдат некаков компромис кој не смее да биде на штета на македонската култура, идентитет, народ и се она што е важно за вашата држава.

Амбасадоре, до кога Македонија може да смета на Словенија како еден цврст и постојан сојузник на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО?

Кога еднаш Македонија ќе биде членка и на ЕУ и на НАТО, ќе седнеме на заедничка маса, ќе имаме уште посилна поддршка од Македонија како една од поранешните земји на Југославија каде заедно живеевме, бидејќи и внатре во ЕУ постојат групирања. Затоа мислам дека во иднина ќе бидеме многу моќно лоби и од државите од поранешна Југославија и ние сме исто така многу блиски со земјите од Средна Европа, со Вишеградската група, со Медитеранот, и оваа група ќе биде многу силна. А, што се однесува до Словенија оваа поддршка е традиционална и ќе продолжи и во иднина, јас не гледам никакви проблеми зошто Словенија не би ја поддржувала Македонија.

Западниот Балкан беше исто така сфера на интерес кога Словенија беше претседавач со ЕУ, тогаш еден од вашите приоритети за време на вашето претседавање беше токму проширување на Унијата со Западен Балкан, но ова не се случи и во таа насока ве прашувам кои се вашите прогнози за развојот на ЕУ?

Во право сте, Западниот Балкан беше еден од петте приоритети за време на претседавањето на Словенија со ЕУ. Тогаш постигнавте многу големи успеси, за време на словенечкото претседателство со ЕУ започнавме со процесот на визна либерализација, а еве денеска на 19 декември се навршува точно една година од кога граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора можат слободно да патуваат низ Европа. Како гледам на иднината? На сегашниот Самит во Брисел добивме нова држава која доби статус на кандидат, Црна Гора. Значи, сега имаме четири држави кандидатки, Хрватска и Турција кои веќе имаат започнато со преговорите, ја имаме Македонија и Црна Гора со кандидатски статус. Македонија овој статус го има веќе пет години, но за жал сеуште не е почната некоја повисока фаза, и за следната година очекуваме на овие групи на држави кандидатки да се придружи и Србија.

Ајде сега малку за економијата. Споменавте дека исто една од забелешки или делови каде што Македонија покажува слабости, е делот на странски инвестиции, подобра бизнис клима... Во таа насока, постојат ли некои најави за нови инвестиции од словенечки бизнисмени во нашата земја?

Словенија навистина беше многу зафатена од економската криза и поради тоа сите стопанственици се многу повнимателни. Значи оваа година немаме инвестирано надвор. Очекувам дека следната година ќе биде година на подборување на ситуацијата и очекувам нови инвестиции. Она што не интересира за следната година, е дека Меркатор сигурно ќе влезе и во Македонија и на Косово. Значи Меркатор веќе има во Скопје купено земјиште, сега е само на прашање на време во кој месец во следната година ќе почне со проектирање, со изградба на својот најголем супермаркет во Македонија. Во енергетиката пак, словенечко претпријатие прави хидроцентрала на реката Треска, и ова ќе биде завршено следната година. Заинтересирани се и словенечки железници, бидејќи со новиот закон од мај и други железници ќе можат да прават превоз на друга територија, знаеме исто така дека словенечка пошта се интересира за влегување на македонскиот пазар, односно кога ќе се приватизира македонската пошта.

Факт е дека Словенија е еден од нашите најголеми трговски партнери. Во овој контекст, за кои македонски производи најмногу е заинтересиран словенечкиот пазар?

Од она што јас знам, една од најголемите фирми од Македонија во Словенија е Алкалоид со лекови. Исто така гледам многу можности за развој на туризмот, знаеме дека на Скопски Саем ќе се организира оваа година голем саем за туризам, па да се обидеме што повеќе словенечки туристи да донесеме во Македонија. Македонија има многу што да понуди, од храна до добро вино, убави планини, Охридското езеро... Значи, едноставно со Македонија сме некако многу слични, народ од два милиона, Охридско езеро наспрема Бледско езеро, близина на јазикот.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG