Достапни линкови

Неделен печат


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

Главна тема во неделниците маршот на опозицијата. Глобус донесува анализа со наслов ,,Готов е", ,,Народот не е толку за Бранко, колку што е против Груевски,, констатира пак, Фокус.

,,Глобус,, на насловната со фотографија и со големи букви пишува: ,,Готов е,, а во главната сторија за, како што пишува, маршот на слободата против режимот на Груевски забележува дека тоа било митинг што поминал во знакот на контролирана енергија. Како издвоено мислење во рамките на статијата, ,,Глобус,, го објавува мислењето на главниот и одговорен уредник, што на одреден начин се поклопува и со главниот тон на репортажата од екипата на неделникот, кој им забележува на авторите на сценариото за митингот за анахрониот имиџ со македонските народни патриотски песни, на митинг на кој имаше и Албанци, и Турци, и Роми, и Бошњаци.
За лидерот на СДСМ Црвенковски вели дека се носи добро на нивото на општите фрази, но дека немал моќ низ нови иновативни или дури и шокирачки, говорнички бравури да воспостави нова комуникација со шареноликата маса. Друга една статија привлекува внимание во ,,Глобус,,: актуелната власт, преку министерствата за одбрана и за надворешни работи доброволно се понудила, за голем паричен надомест, се разбира, на наша територија, во Криволак, да уништи околу 75 000 проектили полни со касетни бомби и 250 единици боеви глави од Босна. Босна прво се обидела операцијата да ја спроведе во Србија, но тамошните власти одбиле да влегуваат во тој ризик. Експертите за пиротехника предупредуваат дека ова може да има големи еколошки последици, бидејќи детонација на вакво количество муниција е еднаква на експлозијата на атомската бомба фрлена врз Хирошима во Втората светска војна.

Груевски нема што да изгуби!?

Главна тема и на ,,Форум,, се протестниот марш на опозицијата и понудата на СДСМ за предвремени избори. Неделникот консултира двајца политиколози, Владимир Божиновски и Мерсал Биљали. Божиновски смета дека Груевски нема да изгуби ништо ако оди на предвремени избори затоа што и онака сите мерења на јавното мислење покажуваат голема разлика меѓу власта и опозицијата, а Биљали - дека ВМРО-ДПМНЕ се' уште има некаква сила, но оти таа брзо ќе се истопи и дека колку повеќе се одлагаат изборите, толку тонењето ќе биде поголемо.

Еуфоријата шанса за Црвенковски

Во едиторијалот, пак, на ,,Форум,, главниот уредник на неделникот смета дека создавањето еуфорија на незадоволство и амбиент во кој граѓаните едвај би чекале да има избори за да ја казнат оваа влада, е единствената шанса на Црвенковски да го победи Груевски. ,,Народот не е толку за Бранко, колку што е против Груевски,, констатира ,,Фокус,, на насловната. Во уводникот неделникот забележува дека по големиот митинг пред Владата, уште поброен народ се собрал пред собранието и дека опозицијата го победила стравот, кој незапирливо се вгнездувал во редовите на власта. Личниот рејтинг на Бранко не расте, а неговите митинзи стануваат се' побројни. Очигледно, заклучува ,,Фокус,, - народот не е толку за него колку што се' повеќе е против Груевски.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG