Достапни линкови

logo-print

Дневен печат


Весници, магазини, неделници, печат

Весници, магазини, неделници, печат

Случувањата на 25 ноември во А1 ТВ главна тема во дневните печатени медиуми изминативе денови.

Од петокот наваму се' што требаше да се напише и да се слушне за случувањата на 25 ноември вечерта, во А1 ТВ - се напиша и се кажа. Како резултат на тоа: ,,Брисел повикува на воздржаност,, ја пренесува ,,Утрински,, веста на државната агенција МИА од бриселските кабинети. И, ,,Европскиот парламент и' отвори фронт на Македонија,, како што насловува ,,Дневник,, по остриот напад од страна на македонските владини претставници врз евроамбасадорот Фуере во Брисел и ,,Брисел е загрижен за случувањата во медиумскиот простор во Македонија,, вест што ја објавија некои медиуми. Инаку, реакциите на случувањата во А1ТВ во петокот ја зацврстија длабоката поделеност на македонското општество: по партиска и
по линија на бизнис-интересите. ,,Утрински,, на двапати го кажува својот став: ,,Самобендисаните од Б1 телевизија,, е насловот на коментарот во кој се објаснува зошто и новинарите од другите медиуми не им искажале поддршка на колегите од наведената телевизија - и ,,во отвореното студио бескомпромисно да се втурнат во онаа перверзија од наводна дебата со која ги удавија недолжните гледачи,, пишува ,,Утрински,,. ,,Тоа беше ноќ на демонстрација на сила на власта, но секогаш кога властите толерираат кршење на законите, кога фаворизираат подобни медиуми, кога инсталираат нерегуларен медиумски пазар со селективно рекламирање, ќе се соочат со својот краен производ што го видовме на директниот пренос на А1 ТВ,, коментира, покрај другото во вториот текст ,,Утрински,,. ,,Нова Македонија,, пишува дека ,,Потфрлија сите,, односно, ,,Во реалното шоу што јавноста можеше да го проследи уште еднаш јасно се отслика кревкоста на нашето општество. Државата демонстрираше моќ, новинарите демонстрираа отпор, а политичките профитери се истепаа да стигнат пред камерите,, коментира весникот, за во друг текст да напише дека ТВА1 е ,,во романско сценарио за уривање на Груевски,,. ,,Дневник,, смета дека новинарството по кој знае кој пат станало жртва на византиските игри и дека не станува збор за принципи, за закони или за новинарство. ,,Зборуваме за суров политички пазар, за реваншизам, за оддложена законска акција,, пишува покрај другото ,,Дневник,, во својот коментар на случувањата од петокот. ,,Вечер,, пак, насловува ,,Професии надвор од законот,, и дека е крајно лицемерно да се поддржуваат обвиненија и пресуди за лекари, ограбувачи на банки, судии - а ако сте од СДСМ или имате медиум како А1, тогаш законот да не важи!,,. ,,Време,, коментира дека ,,полицискиот упад во А1 ТВ, во весниците ,,Време,, ,,Шпиц,, и во ,,Коха е ре,, не се случил спонтано и дека покажувањето ,мускули, беше добро смислено сценарио на Пи-Ар екипата која везден скришно заседава во полутемните простории во зградата на ,,Илинденска бб,,. ,,Време,, додава дека акцијата беше насочена кон сите за сликите на силата на полициските пендреци длабоко да се врежат,, како што вели, ,,во сите вас за, ако не дај боже, решите да отворите уста или да кренете глава и да речете доста е, ви се вратат пред очи и да ве исплашат како сеништа и да ве одвратат од авантурата наречена слободна мисла,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG