Достапни линкови

Предизвици на меѓународната политика во 2010-та


Обама, Клинтон, Гејтс
Обама, Клинтон, Гејтс
Ситуацијата во Авганистан и во Ирак сеуште не е стабилизирана, Иран и натаму не ги исполнува меѓународните обврски во врска со неговата нуклеарна програма, а Босна и Херцеговина не е функционална држава.

Авганистан
Американскиот претседател Барак Обама усвои нова стратегија за Авганистан. Постои заеднички пристап спрема Авганистан и Пакистан, а назначувањето на Ричард Холбрук за специјален американски пратеник во тие две земји беше формализирање на таквата политика на Вашингтон. Во рамките на таа нова стратегија, Обама во декември нареди испраќање дополнителни 30 илјади војници во Авганистан. Во меѓувреме, талибанците во Авганистан и натаму се активни и продолжуваат со герилските и самоубиствените напади. Тоа го потврди и командантот на американските сили, адмирал Мајк Мулен.
Адмирал Мајк Мулен


“И натаму сум длабоко загрижен од растечкото ниво на соработка меѓу авганистанските талибанци и приврзаниците на Ал Каеда и други екстремистички групи на границата со Пакистан”.

Инаку, новата американска стратегија за Авганистан, на што посебно ќе биде ставен фокусот во 2010-та подразбира и оспособување на авганистанските власти, битка против корупцијата и цивилни инфраструктурни проекти во Авганистан и во Пакистан.

Ирак

По релативниот напредок во безбедносната ситуација во поголемиот дел на Ирак, кон крајот на 2009-та се случија повеќе серии бомбашки самоубиствени напади во Багдад. Џефри Фелдмен американски заменик помошник државен секретар вели дека Соединетите Држави планираат да продолжат да ги обучуваат и опремуваат ирачките безбедносни сили и по повлекувањето на американските борбени трупи од Ирак.


“Разбираме дека постои загриженост за безбедносната ситуација. И ирачката влада знае дека има слабости во безбедноста. Не сакам да звучам како типичен американски оптимист кој вели дека се е во ред, бидејки дури и обичните луѓе знаат дека има простор за подобрување”.

Како најголем извор за нестабилност се смета арапско – курдското ривалство во северен Ирак, а тоа настојуваат да го искористат екстремистите, поврзани со Ал Каеда. Тоа е пред се битка за ресурси меѓу ирачката централна влада и лидерите на полу-автономниот курдски регион во северниот дел на земјата, или поточно, кој ќе ја има контролата врз нафтените полиња. Американски претставници се обидуваат да ги смират тензиите меѓу нив, но засега без целосен успех. Најголемиот предизвик во 2010-та се парламентарните избори во Ирак, закажани за во март. Курдските и арапските претставници во ирачкиот парламент успеаја да постигнат компромис во врска со изборното законодавство. Но, од тоа како ќе бидат спроведени изборите ќе зависи и идната стабилизација или дестабилизација на Ирак.

Иран

Американскиот претседател Барак Обама ја превзеде функцијата со ветување дека со дипломатија ќе се обиде да ја надмине кризата во врска со иранската нуклеарна програма. Иранските власти го отфрлија компромисот понуден од Меѓународната Агенција за Атомска Енергија, со што се зголеми загриженоста на Западот. Марк Фицпатрик од Меѓународниот интитут за стратегиски студии во Лондон вели:


“Доколку се потврди дека Иран работи на оружје кое се развиваше како во 2007-ма, тоа сигурно ќе го смени однесувањето на Западот кон Иран. Претходните американски разузнавачки информации дека Техеран ги запрел тие активности, беше охрабрување за преговорите. Но, доколку Иран продолжил со обидите да развие нуклеарно оружје, тогаш не може да му се верува”.

По откритието дека Иран има и тајни постројки за збогатување ураниум, како онаа во Ком, се поизвесно е дека Западот ќе инсистира на нови санкции против таа земја. Меѓутоа тие тешко ќе поминат во Советот за Безбедност на Обединетите Нации, поради противењето на Русија и на Кина, па може да се очекуваат акции и мерки само од останатите големи сили.

Босна и Херцеговина

Во 2009-та беа одбележани 14 години од Дејтонскиот договор со кој беше запрена војната во Босна и Херцеговина, но етничките ривалства опасноста од нова дестабилизација сеуште се присутни. Премиерот на Република Српска, Милорад Додик не дозволува какви било уставни промени со кои би се зајакнала федерацијата и постојано се закнува со референдум за отцепување. Американски и дипломати од Европската Унија кон крајот на 2009-та се обидоа да ги потурнат реформите во Босна и да издејствуваат компромис меѓу трите ентитета, кој би ги отворил вратите за евро-атланско интегрирање на земјата, но без успех. Во 2010-та година во Босна се закажани претседателски и парламентарни избори, па малку е веројатно дека во време на изборни кампањи, може да се дојде до меѓу-етнички договор за реформи.
Бања Лука - Владата на РС
Чарлс Инглиш, американски амбасадор во Босна и Херцеговина, вели дека Вашингтон е загрижен од натамошните поделби во Босна.

“Прво, Соединетите Држави нема да прифатат ништо помалку од мирољубива, мулти-етничка, суверена и обединета Босна и Херцеговина. И второ, Соединетите Држави веруваат дека единствен вистински пат за безбедна и просперитетна иднина на Босна е евро-атланската интеграција”.

Инглиш оценува дека Босна и Херцеговина сега не функционира нормално, а последиците ги трпат граѓаните.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG