Достапни линкови

Ендрју Ки, Амбасадор на Велика Британија во Македонија


Ендрју Ки, Амбасадор на Велика Британија во Македонија

Ендрју Ки, Амбасадор на Велика Британија во Македонија

Лично мислам дека сега има можност за нова динамика околу прашањето за името. Со позитивниот извештај од ЕК и препорака за започнување на преговори тука во Македонија, со нова Влада во Грција мислам дека има добра можност

Амбасадоре што очекувате од претстојната нова рунда преговори за името што ја закажа медијаторот во спорот за името Метју Нимиц?

Лично мислам дека сега има можност за нова динамика околу прашањето за името. Со позитивниот извештај од ЕК и препорака за започнување на преговори тука во Македонија, со нова Влада во Грција мислам дека има добра можност. Се надевам дека таква една позитивна и нова динамика ќе се одрази во преговорите со Метју Нимиц и дека тоа ќе овозможи и побрз напредок.

Очекувате нови моменти од таа рунда преговори, да речеме да излезе со нови предлози медијаторот Нимиц или некоја од страните со оглед на тоа дека е многу важна оваа рунда преговори особено за Македонија пред Советот на министри на ЕУ во декември?

Секоја рунда е важна рунда. Јас не сум вклучен во преговорите, јас немам друга информација за тоа што ќе прави медијаторот или некоја од страните, само се надевам дека двете страни ќе присуствуваат со најголема конструктивност во оваа рунда преговори со цел да се најде решение.

Иако од сите страни се очекува нешто да се случи како да настапи извесно затишје во поглед на решавањето на спорот за името. Дали сме поблиску или сме подалеку од такво решение во овој момент според вас?

Јас ја толкувам атмосферата, како позитивна атмосфера и со тоа можам да сметам дека двете страни се поблиску до решение. Веќе ова година медијаторот Нимиц беше попозитивен со оценката околку разговорите, неодамна слушнавме позитивни изјави од лидерите од двете страни, така што јас лично го толкувам состанокот меѓу двајцата премиери како позитивен чекор и сето тоа јас верувам придонесува за создавање на позитивна атмосфера и добра база за изнаоѓање на решение.

Меѓутоа овие денови, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски како да предупреди дека не треба да имаме големи очекување во врска со решавањето на спорот за името до декември бидејќи периодот е многу кус?

Јас верувам дека двете страни може да бидат охрабрени од чекорите кои се преземени до сега, од извештајот за Македонија на ЕК. Јас повеќе би се фокусирал на суштината на преговорите со Метју Нимиц, отколку на изјави. Општата атмосфера јас мислам дека е позитивна.

Ви се чини ли применливо решението од хрватско-словенечкиот спор во македонскиот случај?

Секој спор, секое прашање има свои специфики и своја природа. Јас мислам дека корисно и вреди да има анализа од повеќе примери, да се истражува какви аспекти, какви механизми, какви делови поврзани со повеќе спорови, можат да се применат и во овој случај во Македонија. Во исто време мораме да признаеме дека решението лежи кај двете страни.

Што очекувате дека ќе се случи сега на 7-ми декември на состанокот на Советот на министри на ЕУ. Ви се чини ли извесна варијантата за добивање на некаков условен датум за отпочнување на преговори?

Во овој момент земјите членки на ЕУ се во тек на анализирање на извештајот на ЕК и почнуваат дискусии меѓу земјите членки. Извештајот е многу позитивен, покажува дека има конкретен напредок оваа година во Македонија во реформскиот процес, исто така идентификува области во кои што треба да има побрз напредок во иднина. Јас ќе кажам што е ставот на Велика Британија бидејќи јас сум британски амбасадор, нашата анализа покажува дека има добар напредок, конкретен напредок, и врз основа на тоа ја поддржуваме препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговори и тоа ќе биде основа на нашиот став во декември. Мора да признаеме во исто време дека одлуката мора да се донесе со консензус и затоа се надевам дека ќе има напредок при разговорите за името и дека после ќе има напредок и во реформскиот процес.

Се зборува и за директни преговори меѓу Скопје и Атина. Дали според вас тие се возможни во овој момент и што би придонеле?

Јас сметам дека рамката во Обединетите Нации е добра рамка и двете страни треба најконструктивно да ја искористат и да се извлече максимум од мисијата на Метју Нимиц. Тоа незначи дека мора да има комуникација само преку Нимиц и ОН, секоја конструктивна, директна комуникација меѓу двете страни има можност да помогне во изнаоѓање на решение, особено ќе има можност да придонесе кон градењето доверба и пошироко во изградба на добри односи меѓу двете страни.

Гледате услови за такво нешто во овој момент, расположение кај двете страни?

Имаше состанок меѓу двајцата премиери што беше позитивен чекор. Се надевам дека тоа ќе продолжи.

Двете страни како што гледате, покажуваат слаба флексибилност во однос на своите црвени линии, утврдени позиции итн. Очекувате ли прекин на преговорите и какви би биле последиците од една таква варијанта?

Не очекувам прекин. Обратно, очекувам преговорите да продолжат, да се интензираат со една цел, да се најде решение. Ценам дека тоа ќе биде од сега.

Од ДУИ која што е коалиционен партнер во Владата, дојдоа некакви најави за можна радикализација доколку не го добиеме тој датум за преговори и не постигнеме компромис за името до декември. Очекувате ли дека доколку не добиеме датум преговори дека тоа ќе се одрази негативно да меѓуетничките односи во земјата и се разбира на коалицијата?

Јас сега се фокусирам повеќе да има позитивни аспекти до декември, за можноста да стигнат до решение за името. Велика Британија ја поддржува интеграцијата на Македонија и Балканот општо во ЕУ и во НАТО и тоа го правиме бидејќи веруваме дека тоа е во интерес на стабилноста на Македонија, просперитетот и стабилноста на регионот. Се разбира доколку името стане пречка за таа интеграција, тоа нема да помогне во намалувањето на ризиците во регионот, а ризиците како нешто што се случува би требало да биде предемет на анализа. Сакам да истакнам дека во овој момент сеуште има време за напори да се најде решение и да се продолжи со реформскиот процес и се надевам на позитивна одлука во декември.

Дали ја сметате за оправдана идејата за референдум?

Тоа е внатрешна одлука.
XS
SM
MD
LG