Достапни линкови

Косово е повторно немирно


Оштетени возила на ЕУЛЕКС
Оштетени возила на ЕУЛЕКС
Политиката на Меѓународната заедница за "надгледувана независност" веќе изгледа неодржлива, се вели во анализата на весникот Гардијан во врска со ситуацијата на Косово.

Под "надгледувана независност", стекната во февруари 2008 година, Косово повторно е немирно. Институционалната архитектура која раководи со Република Косово - меѓународен цивилен претставник (ICR), мисијата на ЕУ владеење на правото, (ЕУЛЕКС), и мисијата на ОН (УНМИК) – изгледаше секогаш деликатно.
За прв пат од март 2004 година, длабоко вкоренетото јавно незадоволство од меѓународното присуство на Косово, излегува на површината, се оценува во анализата на Гардијан.

Минатата недела движењето Самоопределување оштети неколку автомобили на ЕУЛЕКС. Повод за оваа акција беше "протоколот за полициска соработка", потпишан од страна на Србија и на ЕУЛЕКС. На ЕУЛЕКС му беше неопходен договорот, кој требаше да воспостави владеење на законот и јавниот ред. Наместо тоа, локалните Срби вршат насилна опструкција во северниот регион на Косово. Владините претставници не се согласуваат со тоа што, според нив, е кршење на суверенитетот. Тензијата ја подигна и српскиот министер за Косово Горан Бодановиќ кој оцени дека протоколот е доказ оти Косово е дел од Србија.
Но, сепак најзагрижувачки е што повеќето албанци, кои ги осудуваат насилните методи на движењето Самоопределување, сепак го делат несогласувањето со меѓународното присуство на Косово. Активисти на движењето Самоопределување, одговорни за вандализам, веднаш беа уапсени во Приштина. Во исто време, во северниот дел на Косово, полицијата на ЕУЛЕКС не ги уапси србите кои ги нападнаа луѓето кои започнаа реконструкција на албанските куќи. Уште повеќе, поради нередите, реконструкцијата беше запрена. Иако ЕУЛЕКС треба да биде неутрален, мора да ги заштити правата на бегалците да се вратат во своите домови. Претставниците на меѓународната заедница постојано повторуваат, - “Ние сме тука за ваше добро”. Токму тој став за многумина на Косово е навредлив. Младите, кои упаднаа на Интернет страницата на ЕУЛЕКС напишаа, - “Ние ве поканивме да ни помогнете, а не да одлучувате за нас”. Мнозинството засега е мирно, но каква било провокација може да предизвика масовни протести со непредвидливи последици.
Меѓу неприфаќањето на Србија и заморот меѓу албанците, меѓународната заедница се наоѓа во неодржлива позиција. Косовските власти се соочуваат со предизвик, - ако го почитуваат меѓународното владеење, го губат домашниот легитимитет. Тоа се случи и во 2004-та година кога слабото локално раководство не можеше да го спречи насилството на населението кое беше очајно од патералистичкиот однос на УНМИК. Затоа, треба да биде јасно дека “независен протекторат” не е начин за создавање нова држава, се вели во анализата на Гардијан, посветена на Косово.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG