Достапни линкови

Проблеми со образованието во прилепско Дупјачани


Жителите на долненското село Дупјачани жестоко реагираат на одлуката на новоизбраниот градоначалник Абдула Бајрамоски, 35 ученици од пето до осмо одделение од централното основно училиште Пере Тошев да следат настава во едно од соседните села Долнени или Десово. Тие го обвинуваат Бајрамоски дека ваквите одлуки се националистички и политички мотивирани. Тврдат дека без оглед на одлуката на Министерството за образование, нема да дозволат нивните деца да следат настава во друго село.

„Моето дете оди преку 3 села, да поминува, да оди во Десово, на пример не држи место и тоа. Втора работа тие почнаа да бараат и името да го сменат, значи од Пере Тошев на национална база, фактички ги расцепуваат луѓето на националност.“

„Јас учев со нивните родители, мене не ми сметаше да учам 8 години,зошто сега да му смета тие да учат заедно.“
Моето дете оди преку три села, да поминува, да оди во Десово, на пример не држи место и тоа. Втора работа тие почнаа да бараат и името да го сменат, значи од Пере Тошев на национална база, фактички ги расцепуваат луѓето на националност


„И ние бараме таму, Министерството има, Влада има, некој да дојде овде да каже.“

Велат родителите, кои се револтирани и на новиот директор на училиштето. Тој дошол како што тврдат во неработен ден да го подига инвентарот од училиштето, без нивно знаење. Тие не само што го спречиле, туку велат ќе стават катанец на вратата се додека Министерството не одговори на нивното барање, учениците да останат во селото. Тие се категорични во намерите дека нема да дозволат во ниту еден случај нивните деца да следат настава во училишни објекти кои се многу стари и едвај фунцкионираат во лоши услови.

„Ова училиште е градено со месен придонес на месните села од ова подрачје, околните сите, со 15 годишен самопридонес.
Ти да се враќаш сега 50 години назад. Ова е училиште 1987 година градено, а тоа е 1950 и нема услови, не е исто. Овде и кабинет има и сала спортска има, внатре и вода.“

Градоначалникот на општина Долнени пак тврди дека станува збор само за 12 ученици. Вели објектот во Дупјачани не е во добра состојба и затоа ќе се преместат да учат во друг објект. Друга причина за оваа новина според него се скусените блок дотации годинава за 4 милиони денари во споредба со лани.

„Значи целта е со тоа преместување во овие училишта, учениците од пето одделение да учат 40 минути со материјата од пето одделение. Значи да му обезбедиме квалитетна настава, да тие се бават со својата материја целите 40 минути што му е на располагање за еден наставен час.“

Вели Бајрамоски. А, жителите на Дупјачани се децидни, ако треба и на свој трошок ке ги пратат децата да учат во Прилеп, но никако нема да дозволат да учат во другите села во регионот, зашто училиштето во Дупјачани од век било централно училиште, со најповолни услови за настава.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG