Достапни линкови

Фатмир Бесими, Министер за економија


Фатмир Бесими, Министер за економија
Фатмир Бесими, Министер за економија

Во континуитет ја следиме ситуацијата и правиме анализи за економските активности и какви мерки можат да се преземат за ублажување на ефектите од кризата

Веќе е извесно дека Македонија влезе во рецесија. Дали владата планира нови анти кризни мерки за што побезболно да се помине?

Ние во континуитет ја следиме ситуацијата, контактираме со бизнис заедницата и самите правиме анализи за економските активности и какви мерки можат да се преземат за ублажување на ефектите од кризата и тоа до сега ние сме го направиле во три наврати. Три пакети сме имале до сега и пак тоа го следиме во континуитет, да видиме каква е ситуацијата, а и во иднина ќе реагираме со мерки, дали тоа ќе бидат дефинирани како нов пакет или во континуитет, ќе видиме соодветно на движењата на економските параметри во Македонија.

Кога може да се очекуваат нови анти кризни мерки и во што тие би се состоеле?

Еден од таквите енти кризни мерки кој беше дел од третиот пакет, ребалансот на буџетот, веќе има најави дека ќе има и нареден ребаланс, така што тоа е конкретен чекор што се очекува да се случи во иднина.

Ставревски кажа дека очекува пад на економијата и во вториот квартал, но официјално лошата вест ќе ја соопшти кон крајот на септември, кога Заводот за статистика ќе ги објави податоците за пад на БДП. Дали вие сметате дека Македонија веќе е влезена во рецесија?

Па, видете, тоа веќе се стручни терминологии, нели два квартали се сметаат за економска рецесија или не. Јас сепак би се фокусирал на движењата во реалниот сектор, значи дали некој тоа ќе го вика рецесија или не, фактички во индустриското производство, надворешната трговија има негативни стапки, значи има опаѓање во овој период споредбено со лани, и се очекува со анти кризните мерки нешто да се ублажи во тој дел, а најмногу се следи тоа што ќе се случи со светската економија.

Што се очекува во последниот квартал од годината? Има ли шанси бројките да се поправат? Економистите предупредуваат дека падот на економијата ќе продолжи и во третиот квартал. Ставревски очекува состојбите во наредниот период да се подобрат. Значи, што очекувате вие во последниот квартал во годината?

Нешто што може реално да се очекува дека бројките во четвртиот квартал, споредбено со другите квартали треба трендот да се намали, динамиката на негативен раст ,тоа се очекува во четврти квартал, доколку преовладее ова оптимистичко сценарио кое веќе се коментира на глобално ниво. На пример, ММФ и Светската Банка ги корегираа нивните проекции за светската економија и нашиот регион на пооптимистички сценарија за раст, а имаше објава и од претседателот на Федералните резерви дека во американската економија во одреден период ќе има позитивни сигнали, така што ако се има предвид дека кризата беше генерирана од развиените земји и доколку тој оптимизам ги даде своите ефекти со одредено задоцнување и во нашата економија, тогаш првите резултати на подобрување на ситуацијата може да се очекуваат кон крајот на годинава.

Народната Банка излезе со информации дека кризата ќе биде попродлабочена и наместо очекуваниот пад на БДП од 0,4 отсто, тој ќе биде минус 2,5?

Тие сигурно нивните проекции ги базираат врз некои претпоставки што ги прават по нивни методологии. Тоа е кредибилна институција, која од аспект на макро економијата може да укаже на некои бројки, меѓутоа во принцип проекциите на НБМ се поконзервативни од тие на владата, затоа што тие се попретпазливи, затоа што при утврдување на монетарната политика генерално претендираат да ја задржат монетарната стабилност што значи дека и проекциите се во таа насока и мислам дека тоа е една од причините што се попретпазливи во нивните проекции од владата.

Кога очекувате дека од наша страна ќе бидат направени измените во законот за енергетика што Европската енергетска заедница ги бара од нас до 21 септември?

ЕЕЗ бара одговор од нас до 20 септември односно има укажување за одредени одредби од законот и ние до тоа време ќе имаме одговор. А, во меѓувреме, ако го видите извештајот се работи на усогласување со директивите на ЕУ и тоа што значи воспоставување на добар енергетски систем во Република Македонија каков што се препорачува од ЕУ. Инаку, јас би ја искористил приликата да укажам на фактот дека ние сме сериозно заложени за унапредување на нашиот енергетски сектор, односно хармонизација на законот за енергетика и целата легислатива со цел нашиот закон да биде хармонизиран со тој на ЕУ, а и со обврските на енергетската заедница. Мислам дека на тоа веќе работиме. Работиме на акциони планови, не само заради укажувањата од Европската енергетска заедница, туку и генерално заради отворање и либерализација на пазарот за енергетика, каде што до 2015 Република Македонија треба да има целосно либерализиран енергетски пазар, што значи и пазарот за електрична енергија како што го имаат тоа и развиените земји во ЕУ.

Дали очекувате дека ќе има пречки во владата или од ЕЛЕМ да се направат тие измени, затоа што директорот на ЕЛЕМ изјави дека тоа биле лични ставови на Европската енергетска заедница?

Не би коментирал негови изјави, имаме институционален пристап. Се знае дека за Република Македонија клучен приоритет е зачленувањето во ЕУ и ние како ресорно министерство сме задолжени законите да ги предложиме до влада, владата до собрание и тоа е постапката. Инаку, компаниите имаат други агенди, односно обврски и цели, а се друго што се однесува до политиката и законите е во ингеренции на владата и министерствата.

Затоа велам, дали очекувате пречки од владата да се направат тие измени?

Стратешка определба на Владата е ЕУ. Тоа што е во надлежност на Министерството за економија, се што значи подобрување на нашиот систем за натамошно усогласување со ЕУ ќе го предложиме во Влада и не очекувам да има било какви институционални пречки. Така што јас сум оптимист за целиот процес и сметам дека ќе тече најнормално.

Како ги коментирате критиките на експертите дека енергетската стратегија е нереална и не може да се реализира и има ли недоразбирања во владата околу истата?

Сега е во фаза на јавна расправа и кога се носат вакви значајни документи секогаш е препорачливо да има јавни расправи. Јас сум многу задоволен од овој процес. Инсистирав да биде отворен, транспарентен, да се вклучат што повеќе експерти, пошироката јавност, невладините институции, стручните институции, меѓународните институции да го дадат своето мислење. Во оваа фаза очекувам уште повеќе критики со цел да се подобри текстот на тој важен документ, кој во септември или октомври во финална верзија треба да биде усвоен на влада и јас уште еднаш ги повикувам сите тие што сметаат дека можат да дадат придонес во подобрување на квалитетот на овој документ, тоа да го направат и се добредојдени.

Господине Бесими, за крај, колкава е вкупната сума од задолжувањата во последните неколку месеци откако е започната кризата?

Тоа што е задолжување во странство главно е евро обврзницата која беше издадена и се разговара со Светска Банка за друга можност на задолжување како за проекти така и за буџетско финансирање. Има можност во рамките на својата квота да се искористат отприлика 70 милиони евра од страна нашата квота во ММФ и други можности кои до сега сеуште стојат како опции за искористување на овие можности за финансирање како меѓуародните финансиски институции. Инаку, до сега е задолжувањето со евро обврзницата и европската инвестициона банка каде што задолжувањето отприлика за сто милиони евра кои ќе служат директно за кредитиање на стопанството во Република Македонија.

Како ќе се одрази ова задолжување врз буџетот кога ќе треба да се враќаат тие кредити?

Сега во овој период кога се соочуваме со оваа ситуација каде што е неопходно дополнително финансирање на домашната потрошувачка, финансирањето однадвор е еден од подобрите начини, отколку финансирање од постојните фондови, односно финансии во домашната економија. Значи, задолжување, носење дополнителни средства во економијата во овој период е правилниот пристап. Како тоа ќе се одрази и со каква цена е здолжувањето е друго прашање. Сега, главен приоритет е да се овозможи во нашата економија да обезбедиме дополнителни финансиски средства.

Зошто се одбегнува ММФ?

Не би рекол дека се одбегнува. Напротив, може да се искористи, доколку тоа што тие го кажуваат и ние го правима во макроекономската политика е конзистентно. Тоа е институција за финансирање на меѓународната ликвидност, доколку ние имаме такви потреби одреден временски период тоа и ќе го стори.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG