Достапни линкови

Европски цени, македонски плати


Малопродажните цени во Македонија растат и фаќаат европски трендови. Платите пак, „тапкаат“ во место, па просечно 70 насто од давачките на македонските граѓани одат за исхрана.

Цените на малопродажните производи во земјава полека ги достигнуваат европските стандарди. Платите и примањата на просечниот граѓанин, од друга страна, послабо го следат нагорниот тренд.

Според официјални проценки на Управата за јавни приходи, просечната нето плата во земјава е 18.451 денар за фебруари. Според проценките на Државниот завод за статистика, вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалаци за едно четиричлено домаќинство за февруари 2009 година, пресметана врз основа на цените на мало, изнесува 12 756 денари или речиси 70 отсто од просечната месечна плата. За споредба, во повеќето европски земји граѓаните трошат просечно околу 20 до 30 отсто од месечните приходи за храна.

Од маркетите велат дека не се во можност да ги адаптираат цените на произовдите бидејки истите најмногу зависат од производителите. Петар Денковски од ланецот супермаркети „Веро“ вели дека цената на увозните производи е условена од странските пазари.

„Тие диктираат, и секое наше зголемување е предизвикано од нивно зголемувњае на цените.“

Денковски додава дека домашните производи се продаваат по цена во која се вклучени трошоците за производство

„Производителите воглавно ги менуваат цените во зависност од движењето на цените на суровините или трошоците за производство.“

Цените на производите во маркетите во Македонија се изедначуваат со цените во поголемите градови во регионот. За споредба, литар млеко во Загреб се продава по иста цена како и во Скопје. Просечниот приход по глава на жител во Хрватска во 2008 година е речиси 17.000 американски долари. Во земјава пак просечниот приход по глава на жител се проценува на 9.200 долари или речиси два пати помалку.

Имајќи ги предвид овие трендови, во јавноста се јавува загриженост за интензивирање на социјалните немири. Претседатeлот на Сојузот на синдикатите на Македонија Ванчо Муратовски вели дека тоа не може да се очекува:

„Кога има намалување на стандардот и драстично зголемување на цените и кога 80 отсто од примањата се даваат за исхрана, народот станува поуплашен за својата судбина и се повлекува во себе наместо да го искаже својот револт на јавни манифестации“

Инаку просечниот приход во земјава, според официјалните податоци се зголеми по воведување на системот Бруто плати во јануари годинава.
XS
SM
MD
LG