Достапни линкови

Следува долга процедура што може да ги забави нашите евроатлантски интеграции, велат експертите


Правната постапка која Македонија ја поднесе пред меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција за кршење на времената спогодба од 1995 година ќе започне со денешната прва официјална средба на македонските и на грчките застапници. Ќе се разговара за процедурални прашања кои ќе треба да го одредат натамошниот терк на процесот. Поднесената тужба произлезе од потребата Македонија да ги заштити своите права кои произлегуваат од времената спогодба која е прекршена на драстичен начин на самитот во Букурешт, оценуваат експертите.Од друга страна според нив останува отворено прашањето колку таа ќе влијае на позитивен начин ако се земат предвид комплексноста на постапката, односите во ЕУ и нашиот интерес прашањето да биде решено што поскоро.Исправени сме пред една сложена процедура и пред правда која според искуството е многу спора, оценува професорот Васил Тупурковски:

„Тоа им дава можност пред притисоците на некои од членките на ЕУ, кои се залагаат за брзо решение, а посебно во полза на Македонија бидејќи Времената спогодба предвидува да не се кочи интеграцијата на Македонија, дека сега тоа ќе се искористи да се каже, има судски процес, ајде да видиме како ќе заврши, па да го чекаме исходот.“

На самиот почеток од постапката тешко е да се предвиди каков исход ќе донесе. Копјата ќе се кршат околу клучното прашање-дали на самитот во Букурешт имало или немало ветo, прогнозира професорот Јетон Шасивари.

„Сметам дека на самитот во Букурешт е многу тешко да се докаже дали имаше или немаше вето, а тоа ќе биде суштината на целиот спор. Тоа е начинот на одлучување на НАТО, значи консензуалниот начин и скептичен сум околу тоа дека некој од претседателите на држави или на влади членки на НАТО, би прифатил улога на сведок.“

Политички е поумешно да се изнајдат механизми за продолжување на преговарачкиот процес бидејќи постои реална опасност во текот на процесот кој се передвидува да трае околу три години да дојде до негово блокирање, додава Шасивари. Доколку крајниот исход биде поситивен Македонија ќе биде морален победник, вели прфесорот Јетон Шасивари, но како што додава таа нема да го реши и спорот за името. Македонските властите образложија дека тужбата на ниеден начин нема да го попречи или одложи решавањето на спорот со Грција и дека преговорите продолжуваат со истиот интензитет по медијаторство на посредникот на ОН Метју Нимиц.
XS
SM
MD
LG