Достапни линкови

Народната Банка тврди дека ја држи ситуацијата под контрола, експертите повикуваат на претпазливост


Гувернерот на Народната банка на Македонија и експертите се согласуваат дека за сега не може да се очекува девалвација на денарот. Сепак, експертите предупредуваат дека посериозните удари по девизните резерви можат да создадат потреба за корекција на девизниот курс. Гувернерот Петар Гошев вели дека стабилноста на курсот на денарот се брани со сите расположливи инструменти меѓу кои позатегнатата монетарна политика и девизните резерви:

„Девизните резерви за интервенции се тука. Ќе постапиме како што претходно сме правеле. Во одредени периоди купуваме девизи како централна банка а банките продаваат, а во одредени периоди продаваме на пазарот.“

Поранешниот министер за економија Стевчо Јакимовски смета дека за сега не се очекува девалвација на денарот, но предупредува дека ударите по девизните резерви може да предизвикаат корекција на девизниот курс:

„Сметам дека Народната банка ја држи работата под контрола, меѓутоа ако натаму ние имаме платно билансни проблеми, особено ако се зголемува трговскиот дефицит, а се намалуваат дознаките од странство и паѓа извозот, тогаш ќе имаме сериозни удари врз девизните резерви што значи дека ќе мора да следи корекција на девизниот курс, но мислам дека со такви сериозни проблеми Македонија ќе се соочи во втората половина од годината.“

Во теоретски случај, граѓаните би ја осетиле девалвацијата на денарот преку поскапите увозни производи што би водело кон намалена потрошувачка, објаснува Јакимовски:

„Доколку има девалвација тоа значи дека ќе поскапи увозот, односно производите, суровините и репроматеријалите што се користат како и произовдите за широка потрошувачка. Значи, ќе се намали потрошувачката во земјава а истовремено оние кои што извезуваат ќе имаат поголеми приходи.“

Прашањето за можна девалвација на денарот повторно се актуелизираше на последната собраниска седница за пратенички прашања. Министерот за финансии Трајко Славески потврди дека курсот на денарот е стабилен, предлагајки Народната банка да ги намали каматните стапки.
XS
SM
MD
LG