Достапни линкови

Македонија има аргументи за тужбата, но најважна е проценката на полтичкиот момент


Во април во Букурешт Грција ја попречи Македонија да влезе во НАТО алијанста- накусо ова е аргументот на македонската влада за кршење на времената спогодба од страна на Атина поради што и вчера беше покрената правната постапка пред Меѓународниот суд во Хаг. Во јавноста се отвори дилемата дали постои документ во кој е наведено дека јужниот сосед го сторил тоа. Според универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски како и да Македонија има аргументи за покренување на тужба:

„Од експертски аспект имаме основа да ја тужиме Грција без проблем после тоа што го направи во Букурешт. Таа на недвосмислен начин го скрши членот 11 и во таа смисла не е спорно иако тоа ќе биде предмет на докажување во судот, не е спорно дека ние може да засноваме случај.“

Не постои документ во кој што на експлицитен налин се наведува дека Грција ја блокирала Македонија во обидот да стане членка на алијансата и во случајов ова е спорно, смета аналитичарот Ризван Сулејмани:

„Она што се случи во Букурешт беше правилото на консензус, без да се каже дека е Грција, ниту има изјава од овластен претставник на НАТО кој ќе каже дека причина за ова е Грција.“

Неколку часа пак откако министерот Милошоски пак ја објави тужбата реакцијата на Атина беше дека и Скопје порано флагрантно прекршило повеќе одредби од Времената спогодба. Според Фрчковски аргуметацијата на Грција би била многу послаба од нашата:

„Тие секако ќе го стават членот на државна пропаганда во прашање и ќе ја дадат сликата на премиерот кој поставува венец под сликата на голема Македонија. Ќе аргументираат дека тоа е државна пропаганда, но тоа сепак е послаб аргумент од нашиот кој е недвосмислен.“

Иако од експертски и правен аспект професорот смета дека Македонија има аргумнети сепак потенцира дека најважна е проценката на политичкиот момент кога да се преземе таквиот потег. На неколку недели пред крајот на процесот кој го води медијаторот Нимиц оваа одлука на владата значи дека не очекува ништо од преговорите и дека ја подготвува земјата за изолација вели Фрчковски:

„Голиот резултат е практично бесмислен. Да чекаме три – четири години еден позитивен резултат од судењето значи три или пет години да бидеме надвор од НАТО. Тоа се согласува да го направи владата, а во случај на позитивна разрешница пак со Нимиц се поставува прашање што со тужбата, тогаш таа ќе мора да се повлече.“
XS
SM
MD
LG