Достапни линкови

Македонија сепак нема да биде во фокусот на идниот американски претседател, велат експертите


Нема простор за стравувања во однос на евентуална радикална промена на американската надворешна политика кон Македонија, по прашањето за името и согласно тоа отварање на патот за наше членство во НАТО, но сосема сигурно е дека земјава веќе нема да биде на врвот на прироритетите на Соединетите држави по доаѓањето на новиот американски претседател, демократот Барак Обама или републиканецот Џон Мекејн. Со ова речиси едногласно се согласува домашната експертска јавност во очекување на името на новиот американски претседател:

„Точно е дека нема нешто драстично да се смени, меѓутоа точно е и дека Македонија веќе нема да биде од таков приоритет за САД.“

Изјавува политикологот Илија Тилев. Со слично размислување и аналитичарот Алберт Муслиу:

„Можеби ќе има промена на фокусот на надворешната политика, меѓутоа промена на ставови во Америка не верувам дека ќе има, затоа што тие имаат стабилна дипломатија и таа е заснована врз нивната национална стратегија и интереси.“

Неуспехот да се реши проблемот кој што најсилно не притиска - името, останува наш товар додаваат аналитичарите. Без разлика што американската надворешна политика не се менува така лесно, не успеавме да ја искористиме силната заложба на сегашната американска администрација на претседателот Џорџ Буш. Идниот претседател сигурно повеќе ќе биде фокусиран пред се на внатрешните проблеми и другите приоритети во надворешната политика на Америка, додава и аналитичарот Хисен Рамадани.

„Развојот на тие односи еве на пример за Балканот, односно интересот за Балканот, јас мислам дека целиот американски интерес за Балканот во извесна смисла ќе биде намален.“

Вели Рамадани. Во однос на македонската пак државна стратегија, останува силната заложба за продолжување на пријателските и партнерски односи со Соединетите држави, без разлика на промените во Белата Куќа, повторуваат и од македонскиот државен врв, а на ова упатуваат и експертите:

„Оттаму и не е толку битно кој ќе победи на наредните избори, битно е ние да се обидеме да ги задржиме пријателските односи со Соединетите Држави.“

Изјавува професорот Денко Малески.
XS
SM
MD
LG