Достапни линкови

logo-print

Изјавата ја изразува вистинската политика на Белград кон Косово


Аналитичарите во Приштина оценуваат дека изјавата на претседателот на Србија Борис Тадиќ дека поделбата е единствена опција доколку не се најде заедничко решение за Косово, не претставува ништо ново. Таа, според нив, ја изразува вистинската политика на официјален Белград спрема Косово.

Целта на Србија да дојде до поделба на Косово била забележана и во текот на преговорите за косовскиот статус, но таа на наиде на поддршка кај меѓународната заедница. Аналитичарот Шкељзен Малиќи смета дека Белград е свесен оти ќе се соочи со последици од Европската унија доколку иницијативата за оценка на законитоста на независноста на Косово мине во Обединетите нации. Затоа, според него, идејата за поделба се нуди како ново решение:

„Ова го доживувам како најава, бидејќи Србија сега бара последна опција. Впрочем ништо друго не и преостанува.“

Аналитичарот Љуљзим Пеци додава дека станува збор за стари претензии на Србија, бидејќи Белград, како што вели, постојано се ангажирал етничките критериуми да бидат основа за изградба на државите во регионот.

„Таа изјава ги демаскира интенциите на српската политика спрема Косово. Србија никогаш не била заинтересирана да изврши вистинска интеграција на албанците, туку за држава врз основа на принципите од деветнаесетиот век.“

Пеци оценува дека дел од одговорноста за таквата политика на Србија сноси и Европската унија, бидејќи се уште јасно не и ставила јасно до знаење дека таквата политика ќе биде казнета.

„Ставовите на Србија треба да се сфатат сериозно. Како против одговор нашата влада треба да го зголеми ангажирањето за интеграција на србите од северниот дел во системот на Косово.“

Аналитичарот Малиќи пак, смета дека предлогот на претседателот Тадиќ има за цел отсепување на северниот дел на Косово и припојување кон Србија. Но, таквата опција, како што додава, ќе има импликации и во Прешевската долина и во другите делови на регионот. Малиќи не верува дека во оваа фаза некој во Србија или на Косово може да го отвори прашањето за размена на територии.

„Тоа останува како солуција за многу подоцна, по три, четири, пет години. Очекувам на северот на Косово да имаме некој вид намален протекторат што ќе биде под мандатот на Обединетите нации.“

Во УНМИК пак го повторуваат ставот дека статусот на Косово е решен и оти не се разгледува никаква поделба.
XS
SM
MD
LG