Достапни линкови

Проширувањето го покажува интересот на големите сили за интегрирање на Балканот во НАТО


Поканата Босна и Херцеговина и Црна Гора да се приклучат кон Јадранската група составена од Македонија, Албанија и Хрватска формирана од Соединеите држави во 2003-та година со цел да им помогне на овие земји во подготовките за членство во НАТО, е позитивна, а за Македонија не менува ништо бидејќи ние ги исполнивме сите критериуми за влез во Алијансата и веќе е познато дека само спорот со името беше пречка за наш прием во НАТО. Кусо коментираат владини извори по вчерашната покана во рамки на Генералното собрание на ОН во Њујорк во групата А3 да се приклучат и овие две балкански држави. И експертите со позитивна оценка за проширувањето на Јадранската група:

„Ова прашање, проширувањето сигурно е некоја поголема геостратешка цел на големите сили. Во однос на нас не би се одразило директно затоа што ние имаме некои свои прашања кои што треба да ги решиме и ако успееме во тоа, ние ќе бидеме членка на НАТО. Ова е регионално поврзување и тоа е добро.“

Вели професорот од Факултетот за општествени науки Владимир Пивоваров. Со него се согласува и професорот Стеван Буџаковски кој смета дека проширувањето на Јадранската група е позитивно за нашата држава, бидејќи ја покажува намерата на големите сили за интегрирање на Балканот во НАТО:

„Целиот регион ќе се обидат да биде примен, заради најновите случувања со Русија итн.“

Оттаму кај професорот Буџаковски, оптимизам дека Македонија нема да остане изолирана и дека има шанси да се приклучи во Алијансата:

„Имаме ние голема рака подадено за да влеземе во НАТО, тоа е факт. Можеби сме мала држава, меѓутоа сме центар на сите збиднувања и не им е во интерес на големите сили да не влеземе во Алијансата и затоа е и овој притисок.“

Професорот Пивоваров посочува и една друга димензија, а тоа е дека преку проширувањето на Јадранската Група се овозможува и соработка меѓу земјите од соседството, што оди во прилог за безбедноста и стабилносота на регионот:

„Секое регионално поврзување каде што се работи за безбедноста, стабилноста и мирот, меѓусебна соработка... Ако некогаш армиите имаа недоверба едни кон други, сега работејќи заедно, во една заедничка групација, значи сите заедно напредуваат.“

Двете земји од Јадранската група Албанија и Хрватска во април годинава беа примени во НАТО. На Македонија и беше признаено дека ги има исполнето сите критериуми, но оти пречка преставува спорот со името со соседна Грција.
XS
SM
MD
LG