Достапни линкови

Амбасадорите охрабрени од иницијативите на Вељановски, бараат имплементација


По средбата, спикерот Вељановски изјави дека признал оти била грешка носењето на толку голем број закони по итна постапка, но и дека пред амбасадорите ветил дека тоа нема да се повтори. Ги образложивме досегашните активности на Собранието, со позитивните, но и негативните работи, но и ги прифативме забелешките на амбасадорите, рече Вељановски по средбата. Тој ја истакна потребата од јавни расправи на парламентарните комисии, но исто така изјави оти очекува позитивен и стимулативен извештај на Европската комисија во однос на работата на Собранието.

Домаќин на денешната средба беше францускиот амбасадор Бернар Валеро. И тој потрврди дека средбата била конструктивна и отворена, и сите амбасадори имале чувство дека мерките и иницијативите коишто ги предложил спикерот Вељановски се позитивни и ќе ги поддржат.

„Во овој момент сакаме да ја истакнеме и двојната одговорност, како од страна на Собранието, така и од претседателот на Собранието како негов двигател. Сите парламентарни актери ја имаат нашата поддршка,“

рече Валеро.

По средбата куса изјава даде и амбасадорот Фуере:

„Би сакал да истакнам дека сме охрабрени од изјавите со цел да се постигне поделовна и порелаксирана атмосфера во Собранието. Се надевам дека ефективната имплементација на овие напори ќе го зајакната севкупниот дијалог во парламентот,“

рече Фуере и порача дека ќе биде многу важно во наредниот месец да се имплементираат позитивните иницијативи на спикерот Вељановски. Во очекување на ноемврискиот извештај на ЕК, неколкупати до сега официјален Брисел имаше забелешки на работата на македонското собрание и недостатокот на политички дијалог. Неодамна, Фуере истакна дека Македонија нема да добие датум за преговори за членство во ЕУ не поради спорот со Грција за името, туку поради нерешените внатрешни проблеми, на што владата изрази зачуденост.
XS
SM
MD
LG