Достапни линкови

Слободан Унковски, македонски режисер. Режирањето на претставата ,,Орест“ во Солун беше храбар гест и од македонска и од грчка страна


Претставата Орест, барем според реакциите и она што го слушнавме од медиумите, помина одлично. Претставата ја работеше Националниот театар на Северна Грција во Солун. Од друга страна е интересно затоа што е доста специфичен период во однос на политичките случувања меѓу двете земји, и затоа ве прашувам како е да се биде македонец во Грција во еден ваков период на затегнати политички односи меѓу двете земји?

Јас прво бев режисер што работи претстава и тоа е секогаш комплицирано, да се направи претстава особено за еден антички комплициран текст, меѓутоа од друга страна бев македонец во Солун, правејќи една голема претстава во нивниот најголем театар, но тоа беше храбар гест и од нивна и од наша страна затоа што Националниот театар сепак успеа да докаже дека е потребно да се има балканско поврзување и дека е потребно да имаме соработка. За мене пак, беше многу пријатно да покажам дека ние македонците имаме некои квалитети кои што се значајни, интересни и можеби сосема различни од она што го има грчкиот театар. Така да односите беа се позатегнати како се ближевме до крајот на работата, а нашите односи во рамките на претставата беа се подобри и подобри. Така да ќе се сеќавам на овој период како на нешто што е многу пријатно и значајно за мене, а се надевам и за сите други учесници во претставата.

Дали тоа значи дека во меѓувреме на пример, не добивавте некои провокативни коментари на сметка на вашето потекло или идинтетот. Еве на пример, ве нарекуваат ли скопјанецот Унковски?

Знаете како, јас повеќе се плашев од коментари тука во Македонија затоа што работам во Грција која ни става вето во еден одреден момент и доста размислувам дали треба да одам или не. Меѓутоа решив дека треба да одам, и дека е неопходно независно од моменталните сиутации да се оди понатаму. Дадов многу интервјуа, во некои ме претставуваа како од ФИРОМ, во некои како од Скопје, во некои како Македонија и навистина во сите интервјуа имаше најмалку по едно прашање за нашите меѓусебни односи, но сето она што го кажав беше пренесено и објавено, значи немаше во таа смисла некоја цензура. Во ,,Та Неа“ имаше едно цело дефиле, каде што реков ,,Ако не сум македонец, што сум?“ и тоа беше во целост пренесено, значи воопшто немаше во таа смисла, се разбира и покрај различните мислења, комуникацијата и коментарите беа во ред. Немаше инциденти на премиерата, немаше инциденти за време на престојот... Напротив премиерата помина одлично, со овации, што е некаков знак за некаква спремност од обете страни.

Како вие како уметник, како режисер гледате на оваа ситуација околу спорот со името. Има ли тука доволно материјал за една добра театарска претстава?

Па, нема бидејќи театарската претстава се темели на јасен конфликт и на одредено ниво на вистина. Како обичен граѓанин незнам доволно што се случува меѓу двете земји во смисла на преговори, значи не сум упатен. Информациите за тоа како течат преговорите не се доволно јасни за мене и во таа смисла освен еден ,,нејасен облак“ негледам еден ,,јасен материјал“ за правење драма. Меѓутоа е јасно дека нашата историја е страшно испреплетена и досега во изминативе векови. Само пред помлаку од 100-тина години наназад со дел од Грција сме живееле во иста држава која се викала Турска Имиперија. Така да историјата оди напред, се менуваат работите и верувам дека еден ден кога ќе се разбистри ситуацијата, можеби
ќе има материјал за драма, но сега е нешто што не е одредено.

Поранешен министер за култура сте, што ве научи г-дине Унковски тоа искуство во животот?

Имав можност да видам како функционира власта од другата страна, значи спротивно од онаа во која што сум сега како уметник и режисер. И тоа беше едно поучно искуство, научив доста работи, не беше лесен момент за мене, меѓутоа е нешто што е драматично и драгоцено искуство, што ќе го запаметам за подолго време. Тоа незначи дека би сакал да се вратам на таква работа повотрно, но од една страна беше неопходно да видам како е од таа страна, а од друга страна можеби не беше потребно бидејќи изгубив неколку години што беа одлични години за творечки предизвици.

Од таа перспектива гледано можете ли одредите колкаво е всушност влијанието на политиката врз културата?

Огромно е. Мислам во последно време, деновиве со новиве влади, е повеќе отколку што би било нормално. Тоа не се однесува само на тоа кој работи, како работи и дали работи, туку е генерално на приоритети и намери кои што понатаму функционираат или не функционираат. Така да од една страна има се повеќе големи проекти што чинат по милиони евра, а од друга страна она што е ,,жива“ култура полека пропаѓа меѓу просечноста и со крајно ниски критериуми што не е добро за развојот на културата.

Ја убива ли г-дине Унковски политиката креативноста, или и за да се биде политичар треба да си креативен?

Се покажа дека ,,патиме“ од тоа што немаме доволно креативни политичари, односно тие што се успешни се евентуално покреативни од другите. Таа креативност во што се манифестира е друго прашање.. Меѓутоа креативноста е нешто што стои на располагање и во секоја професија може да ја ,,земете“ ако знаете да ја пронајдете и активирате. Во секој случај политиката и уметноста се доста различни. Едната се темели на тоа дека нема срам, затоа што ако има срам неможете до крај да се бавите со таа работа, а втората се потпира на чувство на срам и искреност.

Во минатото поминавте низ различни фази, значи работевте тука, па заминавте, па повторно се вративте и сега пак веќе подолг период Ве нема во националните театри во земјава. Бегате од тука бидејќи вашиот труд не е валоризиран доволно, во онаа мера во која сметате дека треба или се работи за нешто друго?

Па, јас сум бил отсутен само кога сум бил многу зафатен надвор. Да кажеме неможам да го употребам глаголот ,,бега“ значи не сум побегнал, туку сум бил зафатен некаде или не сум имал покана. Значи јас неможам да режирам тука, ако некој не ме покани да режирам. Второ не се работи за валоризација на трудот, туку за поткрепа на целиот проект затоа што не е прашање дали ќе успеат да ме платат мене или моите соработници бидејќи имам еден европски тим со кој работам, туку е прашање на воопшто на подршката на целата претстава во секој поглед, од правење на костими, сцена, до маркетинг, пласман на фестивали на други места итн... Така да тоа е мислам суштинскиот проблем... И прашање е, ме имало кога се наоѓал простор за тавки работи или сум работел главно помали проекти што не барале голем ангажман во театрите. Бидејќи за еден голем проект како што беше ,,Орест“ во Грција мислам дека нашите театри не се во таква форма да го издржат.

Добивте ли некоја покана да гостувате со ,,Орест“ тука во некој од нашите театри?

Не.

Може ли следно да очекуваме нов проект од Унковски во Македонија и дали Ве радува или плаши повторната средба со македонската публика?

Не, воопшто не ме плаши повторната средба со македонската публика напротив мислам дека е штета што немаме поинтензивна комуникација со неа, бидејќи се разбира најдобро ми е да работам на мајчин јазик и да комуницирам со публика која што можам да ја сретнам после тоа таму каде што живеам. Така што повеќе ми недостасува контактот со македонската публика, а не ме плаши воопшто. Не гледам дека скоро ќе се појави некоја претстава тука, мислам да работам, има некои преговори, но не гледам некаква сериозност во тие преговори, за да доведат до реализација на проект.
XS
SM
MD
LG