Достапни линкови

Клуч за враќање на бегалците или нелегитимен проект?


Косовските срби со различни погледи на амбициозниот план на српските претставници во владата на Косово за изградба на станбена населба за повратниците. За некои тоа е и од клучно значење за враќањето на бегалците, за други пак, станува збор за нелегитимен проект со кој всушност не се решава нивниот проблем.

Нова Грачаница е името на планираната нова населба во централно Косово која ја иницира Самостојата либерална партија, која учествува во работата на Собранието и на Владата на Косово. Целта на проектот е враќањето на големиот број срби и нивно вработување на Косово.

,,Проектот е во интерес не само на српската заедница, туку општо, и на меѓународната заедница, која има потреба да ги зачува србите на Косово. Сега треба да се имплемнтира, но динамиката, како што е познато, зависи од многу фактори."

Вели претседателот на либералите и член на претседателството на косовското собрание Слободан Петровиќ, додавајќи дека по добиената политичка поддршка сега треба да следува распределба на средствата за изградба на Нова Грачаница. Проектот беше претставен на неодамнешната Донаторска конференција за Косово во Брисел и неговата вредност е над шестотини и седумдесет милиони евра. И покрај поддршката од меѓународните организации и од косовските институции, овој проект наиде на критики од некои косовски срби. Претседателот на Српскиот национален совет од Грачаница Драган Велиќ смета дека со враќањето на србите на Косово треба да се занимаваат УНМИК и Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци во соработка со Србија, а не институциите на Косово. Тој забележува дека воопшто не постојат проекти за враќање на србите во албанските средини, што, според него, би требало да биде приоритет.

,,На пример србите да се враќаат во Приштина од која се протерани околу четириесет илјади. Изградба на населба каде што српската заедница е малцинство го докажува мултиетничкиот концепт. Во спротивно само се потврдува она што го доживеавме, етничко чистење и неможност за соживот."

Наведува Драган Велиќ, кој од друга страна ја обвинува Самостојната либерална партија дека не се консултирала со сите српски претставници и со валстите во Белград околу изработката на проектот. Како и да е, либералите се уверени дека и покрај ваквите критики, нивниот план ќе биде реализиран, бидејќи, како што велат, е од интерес на српската заедница на Косово.
XS
SM
MD
LG