Достапни линкови

Предизборните инциденти може да предизвикаат страв и мала излезност на гласање


Предизборните инциденти, како и апелите за воздржување од провокации на денот на изборите, создадат атмосфера на страв кај граѓаните, односно можат да предизвикаат дел од нив да не излезат да гласаат, предупредуваат аналитичарите. Помалата односно поголемата излезност зависи од легитимитетот на изборите, вели проф. Живко Андревски од Европскиот Универзитет. Според него помалата излезност на гласачите им оди во прилог на владејачките партии.

„Ако се постави македонската политичка карта на дланка, помалиот одзив треба им одговара на партиите сега на власт, затоа што тие сега ја имаат позицијата што ја имаат, организирано гласачко тело, коешто нема причини да стравува да се појави на гласачко место, па дури и јавно да каже за кого гласало.“

Спротивно на ваквите тврдења, политичкиот аналитичар Хисен Рамадани вели дека помала излезност на гласачите може да се очекува само кај албанскиот блок, а тоа и одговара само на опозицијата, вели тој:

„Опозиција која не очекува објективно во моментов висок дострел на изборите, можеби повеќе би посакувала да има помал одзив, за и нејзиниот недоволен успех да не биде толку драстичен или видлив.“

Претставници на четирите најголеми партии изразуваат надеж дека на денот на изборите граѓаните ќе излезат во масовен број. Граѓаните се свесни за значењето на овие избори велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз велат дека малата излезност на изборите ја посакува ВМРО-ДПМНЕ. Тоа им отвора поголем простор за изборни манипулации велат од СДСМ. Од Демократската партија на Албанците апелираат до своето членство да се воздржат од провокации и да излезат на гласање во што поголем број.
На партија која има добар рејтинг не и одговара мал одзив на гласачите велат од Демократската Унија за интеграција. Ваквото сценарио додаваат оттаму го посакуваат милитантите на друга политичка партија.
Во меѓувреме, последните анкети на јавното мислење покажуваат дека бројот на неопределени гласачи изнесува 41 насто. Експертите велат дека ваквата бројка е резултат на губењето интерес кај граѓаните да ги слушаат политичарите и да ги следат нивните кампањи.
XS
SM
MD
LG