Достапни линкови

Со одлуката за предвремени избори, фаќањето „последен воз“ за НАТО е невозможна мисија


Македонија ја пропушти шансата со доаѓањето на првиот човек на НАТО, Јаап де Хоп Схефер, да го реафирмира ставот дека не се откажуваме од НАТО интеграциите, обвинува опозицијата. Фрлањето сенка на посетата на Схефер, покажа дека владата е незаинтересирана да се дојде до што поскоро решение за спорот со името, изјави Владо Бучковски од СДСМ

„Јас се плашам дека намерно се занемарува посетата на Шефер, затоа што се демонстрира некоја ноншалантност. Тоа е неподелено мислење кај сите оние коишто се загрижени за нашите НАТО интеграции.“

Сосема спротивен е ставот на владата. Портпаролот Ивица Боцевски вели дека владата прави се што е во нејзина моќ за да дојде до компромис и Македонија да се приклучи во Алијансата.

„Владата на Република Македонија е заинтересирана час поскоро да се реши проблемот и ние да влеземе во НАТО, меѓутоа цената не смее да биде националниот дигнитет и интегритет на Република Македонија и Македонците и оние црвени линии што се поврзани со нашиот идентитет.“

Подготовките за предизборната кампања не смеат да бидат оправдување за евентуално забавување на преговарачкиот процес, вели Бучковски:

„Уште официјално не е почната кампањата, тоа не може да биде изговор.“

Од владата пак уверуваат дека независно од изборите постои волја за продолжување на преговорите

„Преговарачкиот процес продолжува и во тој смисол изборите не се пречка за продолжување на процесот на преговори. “

Дел од експертите велат дека недоволниот интерес за вчерашната посета на Схефер од македонска страна е резултат на внатрешните случувања во земјава, односно подготовките за претстојните избори. Во овој момент владата е техничка, а единствена институција која работи со полн капацитет е претседателот на државава, посочува професорката Билјана Ванковска:

„Во овој период, во контекст на она што е настојување на НАТО Алијансата и на нашите пријатели таму да не турнат некако и да го фатиме последниот воз за прием наредната година е просто невозможна мисија. Мислам дека закажувањето на избори во овој период беше голема грешка и тоа практично ги стопира не само овие туку воопшто сите започнати процеси.“
XS
SM
MD
LG